Конзорциумот „Бехтел“ и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола) во јуни продолжил да извршува претежно работи за геотехнички истражни работи, дизајн и спецификации на автопат, дизајн на експропријација, активности за истрага на неексплодирани убојни средства, работи за привремено управување со сообраќајот и работи за мобилизација, како и градежни активности главно за земјени работи и конструкции.
Во јуни годинава, според Извештајот од надзорот за прогрес на работите, имало исплата од државата кон „Бехтел и Енка“ преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во износ 830.336.364 денари (13,5 милиони евра).
Извештајот покажува дека се завршени 87% од проекциите за експропријација за автопатската делница Тетово-Гостивар, 76% за Гостивар-Букојчани, а 78% за делницата Прилеп-Битола.
Според Извештајот, објавен на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), за првата делница Тетово -Гостивар завршени се 100 проценти од геотехничките истражувања, за делницата Букојчани-Гостивар се реализирани 74 проценти од геотехничките истражувања, а за Прилеп-Битола 63 проценти.
Евидентиран е и напредок од 72 проценти на работите за спецификација и проектирање на автопатот Тетово-Гостивар, од 36 проценти за Букојчани-Гостивар, а од 52 проценти за Прилеп-Битола.
Во активностите, изведувачот заклучно со јуни ангажирал 2029 лица и 10.141 градежна машина.
Од почетокот на годинава, покрај исплатата на 830.336.364 денари во јуни, кон „Бехтел и Енка“ имаше две исплати во април, од 599.794.350 денари и од 524.972.228 денари, како и една во мај од 681.026.665 денари или вкупно околу 43 милиони евра. Заклучно со минатата година, пак, беа исплатени 261 милион евра.
Од четирите планирани делници со Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра што беше склучен во март 2023 година, нема никакви активности за Требеништа – Ќафасан, каде, според најавите, ќе се ревидира трасата за да се зачува заштитениот статус на Охридско Езеро и регионот.