Американскиот кошаркар Џаред Двејн Шо (34), кој играше во Индонезиската кошаркарска лига во последните три години, беше уапсен на 7 мај во неговиот стан во регионот Тангеранг, во близина на Џакарта, под сомнение за обид за шверц на дрога. При претресот, полицијата пронашла и запленила 132 парчиња бонбони од канабис, со вкупна тежина од 869 грама, што беше потврдено на вонредна прес-конференција.
На апсењето му претходела дојава од царинските службеници на аеродромот Соекарно-Хата, кои забележале сомнителна пратка од Тајланд адресирана на адресата на Шо. Во Тајланд, канабисот беше декриминализиран на крајот на 2024 година, но индонезиските закони за дрога се исклучително строги и предвидуваат доживотен затвор или дури и смртна казна за шверц.
Според началникот на полицијата Роналд Сипајунг, Шо за време на испрашувањето признал дека нарачал бонбони од канабис од пријател во Тајланд за 400 американски долари и дека планирал да ги сподели со други кошаркари, но и да ги продава како начин за „заработка на страна“. Полицијата вели дека Шо проценил дека ваквите производи би можеле да бидат многу барани меѓу спортистите во Индонезија, но ова бил негов прв обид да шверцува дрога во земјата.
На социјалните мрежи се појави и видео од апсењето, на кое се гледа како Шо, облечен во црна маица и шорцеви, им се спротивставува на полицајците и вика „помош“, додека го одведуваат. На прес-конференцијата пред медиумите еден ден подоцна, Шо не даде никакви изјави, беше облечен во портокалова затворска униформа и носеше маска, со врзани раце.
Неговиот клуб, Тангеранг Хокс, веднаш го раскина договорот поради сериозно кршење на клупската политика, а администрацијата на Индонезиската кошаркарска лига му забрани доживотно да игра.
- Не толерираме играчи, службени лица или кој било во нашиот спорт кој е поврзан со дрога. Нема место за корисници на дрога во кошарката, рече претседателот на лигата, Будисатрио Џивандоно.
Полицијата продолжува со истрагата за откривање на меѓународната мрежа за шверц поврзана со овој случај и спречување на понатамошна дистрибуција на слични производи. Според Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, Индонезија, и покрај своите многу строги закони, останува една од главните транзитни точки за меѓународниот синџир на шверц, а околу 530 лица во моментов се осудени на смртна казна за злосторства поврзани со дрога, вклучувајќи 96 странци.
Шо игра во Индонезија од 2022 година, а последната сезона ја помина во екипата на Тангеранг Хокс. Полицијата го обвини според неколку членови од индонезискиот закон за наркотици, а тој се соочува со казна затвор до 20 години, доживотен затвор или дури и смртна казна, во зависност од исходот на судскиот случај.