На албански остров во срцето на Медитеранот, семејството на Трамп ќе гради рај за себе и за пријателите

234

Ги носиме најдобрите архитекти и најпрестижните брендови, рече ќерката на американскиот претседател, Иванка Трамп, а нејзиниот сопруг, Џаред Кушнер, кој е еден од главните инвеститори, најави план да создаде идеално одморалиште што би сакал да го посети со семејството и со пријателите. Островот во минатото бил воена база, полн е со мински полиња и има околу 3.600 бункери што треба да се вклопат во проектот, според кој, како што е најавено, зградите треба да изгледаат како да се „извајани од природата“. Екологистите го кренаа гласот и рекоа дека изградбата на згради и марини ќе ја оштети кревката природа на островот

Недопрената природа на најголемиот албански остров, Сазан, што се наоѓа во срцето на Медитеранот, на влезот во Валонскиот Залив, од место со недопрена природа и богата флора ќе се претвори во ултралуксузен комплекс за уживање на семејството Трамп и на неговите пријатели.

Зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, е еден од главните инвеститори. Тој уште лани, во интервју за „Гардијан“, рече дека планираат да ги ангажираат најдобрите архитекти и најпознатите брендови, а тоа го потврди и неговата сопруга.

– Заедно со мојот сопруг, работиме на овој остров од 1.400 хектари на средината од Медитеранот, ги носиме најдобрите архитекти и најпрестижните брендови. Ќе биде навистина нешто извонредно – рече ќерката на американскиот претседател, Иванка Трамп.

Џаред Кушнер, исто така за „Гардијан“, го опиша Сазан како „богатство“ и најави планови да „создаде идеално одморалиште што би сакал да го посети со семејството и со пријателите“. Додаде дека останал без зборови кога го видел за првпат во 2021 година.

– Бев многу изненаден што постои нешто такво на средината од Медитеранот, а сè уште не е развиено – рече тој.

Во текот на владеењето на Енвер Хоџа во комунистичка Албанија од 1946 до 1991 година, островот бил изолирано воено упориште и станал симбол на целосна изолација. До падот на режимот на Хоџа, Сазан бил недостапна воена тврдина што функционирала како штит од напади од НАТО и од Варшавскиот пакт. Таму имало воена база со станбени единици, театар, училиште и болница. До 1970-тите години, околу 150 воени семејства живееле на островот без никаков контакт со копното. Денес, албанската армија повторно го контролира Сазан, а пристапот до него е ограничен поради неексплодираните мини и бројните бункери, кои ги има околу 3.600. Најавено е дека голем дел од бункерите ќе станат дел од новиот проект, а за да може да се реализира тој, ќе треба да се деминира источниот брег, каде што се предвидени најмногу објекти. Преговорите за купување на островот, вреден 1,4 милијарди долари, беа водени во тајност, а јавноста и локалните пратеници дознаа за тоа дури кога беше објавен договорот во медиумите. Овој проект е прелиминарно одобрен од албанската Влада пред неколку месеци, а државата даде значителни даночни олеснувања и гаранција дека ќе ја изгради потребната инфраструктура: вода, електрична енергија и канализација. Како што е најавено, природните ресурси како што се морето и вегетацијата треба да останат недопрени.

Албанскиот премиер, Еди Рама, изјави дека американските инвестиции во развојот на островот Сазан се првенствено од економско значење, но не го исклучува и нивното геополитичко влијание. Оваа најава за градење на островот Сазан ги крена на нозе екологистите, кои предупредуваат за последиците.

Олси Ника, директор на невладината организација „Еко Албанија“, потсетува дека островот е дел од заштитениот национален парк Карабурун-Сазан и прашува што ќе значи изградбата на големи згради, марини и зголемениот сообраќај за неговата кревка природа.

Кушнер, пак, тврди дека развојот на островот ќе биде внимателно испланиран, но признава дека не е можно да се задоволат сите критичари. Тој најави дека ќе се направи обид да се вклопи дизајнот со природата и зградите да изгледаат како да се „извајани од природата“. Иако проектот ќе биде насочен кон висок луксуз и приватност, инвеститорот тврди дека дел од островот ќе остане достапен за локалното население, кое ќе може да ги користи плажите и патеките во природата. Кушнер треба да го реализира овој проект со арапскиот партнер со кој најави дека ќе го гради и луксузниот комплекс со кула „Трамп“ во Белград, на местото на гарнизонот.

ИЗДВОЕНИ