На 8 мај ќе биде отворена градинката „Пролет“, а во септември – спортската сала „Работнички“

34

На 8 мај свечено ќе биде отворена новата градинка „Пролет”, најави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во телевизиско гостување. Како што истакна, таа ќе биде модерна, урбана и една од најубавите во државата.

Освен тоа, Герасимовски истакна дека ќе се реконструираат неколку улици и дека е во завршна фаза обновувањето на паркот во Капиштец. Додаде дека ќе се санираат детските игралишта и дека ќе биде поставена нова урбана опрема.

– Општината планира и уредување на зелените површини во текот на летото, а еден од клучните капитални проекти е и реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ во Градскиот парк. По многу години, салата, конечно, е во сопственост на Општината и работиме интензивно. Планираме во септември да ја пуштиме во употреба – нагласи Герасимовски.

Прашан дали ќе се кандидира за уште еден мандат, Герасимовски наведе дека зад себе има силен тим, кој има енергија и е подготвен да продолжи и во следните четири години.

– Веќе се подготвува одлична програма со голем број нови проекти, насочени кон подобрување на секојдневието на граѓаните. Завршуваме со реализацијата на капиталните проекти што ги ветивме и верувам дека граѓаните го препознаваат и го ценат сето она што го направивме досега – потенцираше Герасимовски.

Тој појасни дека во моментов се спроведуваат анкети за мислењето на граѓаните.

– Ако добиеме позитивен сигнал, планирам повторно да се кандидирам. Имаме механизми да детектираме што им е потребно на центарци, добиваме повратни информации за тоа  и од урбаните заедници. Заедно ќе го креираме патот понатаму – заклучи Герасимовски.

 

 

ИЗДВОЕНИ