Во рамките на седмото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ што ќе се одржува од 29 септември до 6 октомври во Скопје, публиката ќе има можност да проследи богата филмска и музичка програма. Покрај киносалата на „Котур“, фестивалот ќе се одржи и на Платото пред Дом на АРМ, место од големо културолошко значење за нашиот град, кое претставуваше собиралиште на младата алтернативна сцена, а и еден од ретките, сè уште слободни јавни простори во центарот на градот.
Фестивалот, кој е во организација на „Кафе и филм Котур“, ќе се одвива во текот на седум фестивалски денa, со две натпреварувачки филмски програми од официјалната и студентската селекција. Ќе бидат прикажани и филмовите добитници од 48-часовниот филмски предизвик, ќе има специјална проекција на „Бабички на револуцијата“ во чест на Илинденка Петрушева, концертна промоција на албумот ,,Наше после сè“ од бендот „Занаду“, изложба „Добре дојде, добро те најдов“ на Ана В’чкова, концерт на Луфтханза, концерт на „Хот џез оркестар“ и музичка селекција од Томи Бојаџи, Давид Николовски, Миа Ѓоргиевска, Игор Спироски, Никола Димитријеќ (Double G), Бојан Јанев (Soul Case).
Официјалната филмска програма вбројува многу скопски премиери на домашни филмови: „Нова енергија“ во режија на Сара Климоска и Радован Петровиќ, „Избор“ во режија на Марко Црногорски, „Остров“ во режија на Бранко Костески, „Зајак“ во режија на Ханис Багашов и „Сенките на месечината“, во режија на Тина Величковиќ.
И годинава, официјалната селекција на кратки филмови ќе се натпреварува за наградата „Данчо Чеврески”. Дополнително, студентска селекција ќе се натпреварува за најдобар студентски филм, а целосната филмска програма ќе се натпреварува за најдобар филм според публиката. Жирито го сочинува истакната група филмски професионалци: режисерката Дина Дума, актерката Кристина
Леловац и режисерот Трифун Ситниковски. Покрај официјалната програма, по третпат ќе се одржи и 48-часовниот филмски предизвик и филмовите од овој предизвик ќе се натпреваруваат за најдобар филм, со жири-комисија во состав: Игор Христов – режисер, Горјан Атанасов – монтажер и Слаѓана Вујошевиќ – актерка.
Влезот за целосната програма на „Ѕирни 7“ е слободен.