Шеснаесетмина поети, музичари и уметници од шест држави (Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија) се дел од годинашнава 37. по ред „Поетска ноќ во Велестово“, која ќе трае до 17 август. Манифестацијата започнува вечерва, со поетскиот портрет на Андреј ал Асади, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, како и со интернационалното поетско читање „Имаго“, на кое настапуваат поетите од странство.
На тремот од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ ќе може да се види и изложбата „Непредвидливи соочувања“ на академскиот сликар Стефан Младеновски. Утре и задутре ќе се одржат и две книжевни промоции на стихозбирки од Мирослав Кирин од Хрватска и на Фарид Хусеин од Азербејџан, како и две интернационални поетски читања, едното на тремот од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово и другото, завршно поетско читање в недела, на 17 август, во кафе-барот „Шила“ во Охрид. На нив, покрај споменатите поети, ќе настапат и Рошин Кели од Ирска, Рената Јамбрешиќ-Кирин од Хрватска, Поли Муканова од Бугарија, Анисија Ангел од Романија, како и домашните поети: Лулзим Хазири, Ивана Јовановска, Марија Ангеловска, Емануела Ковачевска-Китановска, Маја Мојсова, Павлина Атанасова и Стефан Костоски.
Во рамките на програмата е предвиден и музички настап на Игор Климовски (соло-хармоника), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.
Од повеќе од 200 вида пеперуги во Македонија, дури 166 живеат во Националниот парк „Галичица“, и затоа постерот за годинашното издание им е посветен на пеперугите на Галичица. Автор на постерот е Андреј Павлов.