На 28 септември осветување на храмот „Свети Константин и Елена“ во центарот на градот

627

Лимените тараби околу црквата „Свети Константин и Елена“ на улицата „Македонија“ се тргнати и веќе не го нагрдуваат центарот на Скопје. По 13 години завршува изградбата на оваа црква. Од Македонската православна црква (МПЦ) велат дека останува да се завршат некои ситни работи, а во тек се и подготовките за нејзиното осветување. Оттаму најавија дека осветувањето на црквата ќе се случи в недела, на 28 септември, со почеток во 08:30 часот.

– Осветувањето ќе го изврши Поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан во сослужение на архиереи на МПЦ. Поканети се државниот врв, дипломатскиот кор, стопанственици, претставници на локалната самоуправа, медиуми, како и сите верници кои сакаат да присуствуваат на овој торжествен чин – соопштија од Скопската епархија на МПЦ.

Изградбата на црквата „Свети Констатин и Елена“ започна во 2012 година на централната градска улица „Македонија“. Првично, пари за изградба на црквата се собираа на донаторски конференции. Донираа политичари, бизнисмени, владици. Но, поради тешкотии околу финансирањето, храмот се градеше цели 13 години.

Македонската православна црква пред неколку години повика општествено одговорни личности да придонесат за довршување на овој значаен духовен и културен објект во центарот на главниот град.

Оттаму велат дека има многу луѓе што помогнале да се доврши изградбата на овој православен храм, меѓу кои и познати бизнисмени. Информираат дека еден од нив е и Кочо Анѓушев.

Тој со лична донација, како и преку поддршка од компаниите во негова сопственост, веќе втора година го финансира изработувањето на фреските и целокупниот фрескоживопис во храмот. Ангажманот следува по јавниот повик од Македонската православна црква – ОА упатен пред две години, со кој се повикаа општествено одговорни личности да придонесат за довршување на овој значаен духовен и културен објект во центарот на главниот град.

Црквата „Св. Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012 година, а на почетокот на изградбата присуствуваше и тогашниот премиер, Никола Груевски. Инвеститори се МПЦ-ОА и Фондацијата „Св. Цар Константин“, која беше формирана од МПЦ за изградба на црквата. Груевски организираше три донаторски конференции со македонски компании за да се соберат пари за изградба.

Во 2013 година имаше насилни протести пред Општина Центар, организирани од фантомска организација со цел да спречат наводно уривање на црквата од тогашниот градоначалник Андреј Жерновски. За протестите имаше долго судење, кое заврши во септември 2020 година, со затворска казна од една и пол година за Груевски како нарачател на насилствата.

Црквата ја градеше компанија „Бетон“. Приватната болница „Ремедика“ го презеде останатиот долг на МПЦ и Фондацијата „Св. Цар Константин“ од околу 3,5 милиони евра за да работи подобро, без милионскиот долг за изградба на црквата.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ