Основниот кривичен суд го закажа првото судење за случајот „Кочани“. Главната расправа за катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени, почнува на 19 ноември, во судницата во Казнено-поправната установа (КПУ) „Идризово“. Обвинителниот акт беше поднесен на почетокот на јули, а Судот целосно го одобри пред десетина дена.
Иако од Судот соопштија дека оценката била во законскиот рок, сепак, досега не било практика тоа да трае колку што траеше истрагата. На обвинителна клупа треба да седнат 34 обвинети, а одговорност се бара и од три фирми, таа за угостителската дејност на дискотеката „Пулс“ и проектантската, која го правела елаборатот на „дивиот“ објект. Меѓу обвинетите се поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководеле со ноќниот клуб, обезбедувачите и нивниот газда. Никој од обвинетите не се спогоди со обвинителството, односно не го призна делото за кое се товари – Тешки дела против општата сигурност.
До последен момент не се знаеше каде ќе се суди случајот „Кочани“, со оглед на бројот на обвинети, нивните адвокати и оштетени, одлуката падна тоа да биде новата дигитална судница во склоп на затворот Идризово. Стартот е закажан за во 9.30 часот, поканите до странките веќе се испратени, а предметот ќе го суди судијката Диана Груевска-Илиевска. Како втор судија по неколкуте изземања на судии, ќе биде судијата Ахмед Идризи. Судницата во КПУ „Идризово“ е поразлична од оние во Кривичниот суд бидејќи поседува системи за заштита на идентитетот на сведоците, можности за онлајн испитувања, безбедносни простории, камери, монитори и има капацитет за 120 луѓе.
– Дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 г., 26.11.2025 г., 2.12.2025 г., 4.12.2025 г., 10.12.2025 г. и 11.12.2025 г, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини, соопшти Судот.
Главен обвинител е кочанскиот обвинител Борче Јанев, а наизменично ќе се менуваат и останатите од тимот обвинители, секој за областа што ја истражувал, а што довела до катастрофалниот пожар. Државниот обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференцијата за подигнување на обвинението, тврдеше дека трагедијата е последица на долгогодишно верижно непостапување на повеќе институции. Вештачењето од Градежниот факултет е меѓу главните докази на обвинителството, покрај сведочењето на сопственикот Дејан Јованов, од кој се очекува да се дознаат многу работи. Во „шупата“ наречена „Пулс“ без стандарди и на „диво“ се доградувало и преградувало, за место плус, но со само една врата за влез и излез. За дел од обвинетите, пак, неприфатливо е да одговара некој што бил на функција десетина години порано.
По објавата дека на 19 ноември почнува судењето за случајот со пожарот во „Пулс“, родителите на загинатите деца во пожарот решија да не блокираат. Со мирните протести продолжуваат секоја сабота како симбол на упорноста и борбата за вистината, стои во нивната објава на „Фејсбук“. Родителите додаваат дека очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе.
– Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество. Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија. Бараме јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста, пишуваат од Здружението на граѓани 16 март.
На протестите што се одржуваат секоја сабота, семејствата бараат построги мерки на обезбедување за обвинетите бидејќи ги гледале како слободно шетаат по нивните улици. Истовремено бараат обвинение и за полицајците осомничени во истрагата која се води во Обвинителството за организиран криминал и корупција. (П.А.)