НА 14 МАЈ УСТАВНИОТ СУД ЌЕ ПРЕСЕЧЕ ЗА НЕЗАВИСНИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ: Ќе има ли непартиски листи на есенското гласање?

267

На 14 мај Уставниот суд ќе се изјасни дали и натаму ќе бидат важечки одредбите од Изборниот законик кои предвидуваат независните кандидати за градоначалници и за општински советници да мора да соберат потписи од 1 процент од запишаните избирачи.

-На седницата, закажана за 14 мај, предвидено е уставните судии само да гласаат – ни изјавија во Уставниот суд.

Претходно, познато е, уставните судии поведоа постапка за оценка на уставноста и законитоста на два члена – 17 и 18 – од измените и дополнувања во Изборниот законик. Со овие измени значително се сменија дотогашните услови за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Иницијаторите тврдеа дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на избори на 1 отсто од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување  во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Со тоа, на пример, во Градот Скопје, една независна листа за советници, според досегашните правила требаше да собере 1.000 потписи, а со новите ќе треба да има над 4.500. Ако за поднесување независна листа за пратеници, во која и да е од шесте изборни единици досега се бараа 1.000 потписи, сега ќе бидат потребни од околу 2.500 до 3.500, зависно од големината на изборната единица.

Одлуката за покренувањето на иницијативата беше донесена со тесно мнозинство – 5 : 4. Мнозинство сметаше дека преку зголемувањето на бројот на потписите потребни за кандидирање на независните кандидати истите ги елиминираат од изборниот процес.

-Им се оневозможува да го остварат правото на кандидирање како елемент на пасивното избирачко право, со што и на граѓаните кои нив ги поддржуваат им се ограничува избирачкото право и правото на политичко дејствување бидејќи нивниот избор се сведува само на партиски кандидати и на политичкото дејствување во рамки на политичките партии. Ограничувањето на бројот на потенцијални изборни субјекти во изборниот процес ги одзема демократските атрибути на слободни и фер избори и директно го загрозува и слабее политичкиот плурализам, како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 5 од Уставот – наведоа уставните судии.

Во случај на неизгласувањето на оспорената иницијативата сегашните заострени услови за независните кандидати и натаму ќе останат во сила. Во спротивно, Министерството за правда, во договор со партиите и други изборни субјекти ќе треба да предложи ново законско решение. Министерот за правда Игор Филков неодамна рече дека „ќе почекаат на одлуката на Уставниот суд за да предложат решение“. Ваквата промена треба да оди заедно со другите промени со Изборниот законик кои веќе долго време чекаат на партиски усогласувања.

Горјан Јовановски, независен советник во Градот Скопје од редовите на организацијата „Зелен хуман град“, ни рече дека Министерството за правда промената требаше да ја направи и досега.

-Ако сакаше Министерството или која било политичка партија да направат вистински промени за да дозволат независните кандидати да имаат фер услови, ќе го направеа тоа досега. Ова промена беше направена со сите големи партии заедно, така што тука ни нема што да очекуваме. Истите тие ни ги отежнаа условите со намера да ги истиснат независните кандидати од наредните локални избори. Се надеваме дека Уставниот суд ќе ги укине спорените измени – изјави Јовановски за весникот ВЕЧЕР. (Б.Ѓ.)

 

Фото: ФБ на Уставен суд

ИЗДВОЕНИ