Полусезоната во ракометниот шампионат на Македонија е пред самиот крај, а шлаг на досегашните возбудувања во Суперлигата ќе стават „вечните“ ривали, Вардар и Еурофарм Пелистер, во салата „Боро Чурлевски“, која и овој пат ќе биде исполнета до последното место. Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар се игра утревечерва, со почеток во 18:00 часот. Во првото соочување сезонава, во Скопје, победа извојуваа „црвено-црните“.
Но, на трибините во битолската сала ќе има навивачи и на најтрофејниот македонски ракометен клуб, Вардар, што, секако, ќе му додаде вредност на долгоочекуваното дерби во македонскиот шампионат. Обезбеден е сектор за „комитите“, а од Вардар ги поканија да уживаат во ракометната игра и во фер и коректна атмосфера да ги бодрат момците на Иван Чупиќ.
– Македонското ракометно дерби ќе биде збогатено со присуство на нашите навивачи, за кои ќе биде обезбеден сектор во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Вашата поддршка ќе значи многу за тимот што со голема желба го очекува почетокот на натпреварот. Подготвени се да го дадат својот максимум за нова победа! Ве покануваме да уживаме во ракометната игра и во фер и коректна атмосфера да ги бодриме „црвено-црните – стои во објавата на ракометниот клуб Вардар.
Вардар е единствен тим со максимален учинок во првенството, со 15 победи на исто толку натпревари, па поради подобрата форма, можеби, има и блага фаворитска улога. Сепак, јасно е дека не мора ништо да значи тоа во дерби-дуелите.
Пелистер за помалку од еден час ја распродаде салата, но и Вардар нема да биде без поддршка откако Пелистер обезбеди и сектор за гостинските навивачи.












