EPA/TOLGA AKMEN EDITORIAL USE ONLY

Аргентинската тенисерка Солана Сиера (21) е најубавата приказна на годинашниот грен-слем турнир Вимблдон. Може да се каже дека нејзиниот настап на овој турнир е од очај до брилијантност, и нејзината бајка во Лондон продолжува.

Минатиот четврток, таа доживеа тежок пораз во последното коло од квалификациите, губејќи од Талија Гибсон со 4:6, 6:3, 5:7, и покрај тоа што водеше со 5:3 во решавачкиот сет. Сепак, повлекувањето на Грит Минен ја доведе во ждрепката, како „среќен губитник“. И тогаш започна сè, во првото коло ја победи Австралијката Оливија Гадецки, што беше нејзин прв триумф на Вимблдон. Потоа ја победи англиската тенисерка Кејти Боултер во три сета, а потоа, исто така по три сета одлична борба, и Кристина Буск од Шпанија. Во осминафиналето, за противник ја има Германката Лаура Зигмунд.

– Сè што ми се случува на Вимблдон е многу емотивно за мене. Минатата година ги играв сите квалификации за грен-слем турнирите. Мислам дека беше навистина одлично искуство, но оваа година имам поинаков менталитет. Повеќе верувам во себе и се надевам дека ќе можам подобро да се снајдам на поголемите турнири – рече Аргентинката.

Солана Сиера пристигна на Вимблдон рангирана на 100. место на ВТА-листата. Родена е во Мар дел Плата на 17 јуни 2004 година и почнала да игра тенис на тригодишна возраст. Преферира тврди подлоги и досега немаше успех на ВТА-турнирите, а камоли на грен-слем турнирите. Таа моментално е на насловните страници во Аргентина и многумина во таа земја се надеваат дека ќе може да продолжи таму каде што застана Габриела Сабатини, живата легенда на женскиот тенис во оваа јужноамериканска земја.

Сиера првпат зела рекет кога била мало девојче и била пониска од мрежата. На тренинзите носела кукла, која била во нејзиниот ранец заедно со рекетите. Таа е единствено дете во бракот на Омар Сиера и на Марта Канавело. Бидејќи нема браќа и сестри, љубовта на нејзините родители отсекогаш била насочена само кон неа. Таа брзо го покажала својот потенцијал и почнала да игра со постари играчи. Тениските експерти велат дека е природно талентирана, многу професионална и конкурентна, со исклучителна моќ во десната рака.

Бидејќи нема Аргентинец или Аргентинка што не го сака фудбалот, истото е и со Солана Сиера. Како навивач на Ривер плата и голем обожавател на Марсело Гаљардо, таа често го носи црвено-белиот дрес на овој аргентински клуб, со бројот „девет“. Таа посетувала основно училиште во Санта Марија дел Буенос Аирес, а средното училиште го завршила преку онлајн часови.

Покрај тенис, таа тренира пливање и танцување. Бидејќи нема браќа и сестри, таа поминува многу време со своите 12 братучеди. Таа ги сака животните и бидејќи живее во странство, ѝ недостига Тино, пудлицата што ја придружува на тренинзите во Аргентина.

– Ако еден ден заработам пари од тенисот, би сакала да инвестирам во фондација за кучиња – често вели Сиера.

– Солана е родена да биде спортистка, бидејќи уште на едногодишна возраст покажуваше моторни вештини и координација нетипични за децата на нејзина возраст. Едвај можеше да оди, па фаќаше топка за пинг-понг и чекаше да отскокне. Подоцна, кога имаше три години, изнајмував терен за пинг-понг, за околу 20 минути и игравме со топка со низок притисок. Но, го правевме тоа на разигран начин бидејќи ѝ се допаѓаше. Цртав лица на топката, а таа ја удираше. Морав да ги најдам оние што се совпаѓаа – откри нејзиниот татко, Омар.

EPA/DANIEL HAMBURY EDITORIAL USE ONLY

Кога имала седум години, таа почнала да си игра со постари момчиња и девојчиња. А потоа требало да почне да ја вози на турнири во Аргентина и во Бразил.

– Кога ја гледаат, многу луѓе се сеќаваат на неа со кукла во ранецот на натпреварите. Одеше таму, победуваше, а потоа ја земаше куклата да си игра со неа. Беше мало девојче. Ние, како родители, секогаш се трудевме да се погрижиме да ужива во детството колку што е можно повеќе. Подоцна, таа порасна и имаше други одговорности. Исто така, се сеќавам како патувавме. Сè уште го имам „пежо 307“ со кое поминав 420.000 километри, од кои 350.000 беа само на турнирите на Солана. Возевме насекаде. Од Аргентина до Бразил. Уште го имам тој автомобил, не сакам да го продадам – вели нејзиниот татко.

Солана игра агресивен тенис, на аргентински начин и нејзиниот стил многу потсетува на оној на Карлос Алкараз. Таа се движи многу, ја ротира топката, го отвора теренот… Од друга страна, девојките на светско ниво играат поинаку, по линијата, многу поагресивно, удирајќи ја топката во права линија, со малку послаб сервис и враќање, кои се најважни во модерниот тенис. Солана природно има многу моќ и се обидува да развие одлична игра со тој талент.

Ковид-19 значително го забави нејзиниот напредок. Таа тренираше дома, удирајќи ја топката во ѕидот од гаражата, бидејќи не можеше да оди на турнири. А потоа потпиша договор со менаџерската компанија „Тенниум“ и почнаа да се подобруваат работите за неа. По тоа се пресели во Буенос Аирес, а од 2022 година живее во Барселона, која стана нејзина база.

 

ИЗДВОЕНИ