Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во периодот од 18 септември (11 часот) до 19 септември (11 часот) биле спроведени индикативни мерења на суспендирани цврсти честички PM 10 на мерното место во зоната на Трубарево.
Мерењата се извршени со автоматскиот систем AMBICON RTM–PM, со инструмент ES-642, METONE, USA, сертифициран за индикативни мерења во согласност со MCERTS, UK.
Резултатите покажале:
Просечна концентрација: 9.8 µg/m³
Максимална измерена вредност: 43.3 µg/m³
Моментна вредност: 8.2 µg/m³
Според добиените податоци, просечните концентрации на PM 10 се во рамките на дозволените граници и не е регистрирано надминување на граничните вредности.
Министерството нагласи дека концентрациите се движат во рамките на 24-часовната гранична вредност за заштита на здравјето на луѓето, утврдена со уредбата за гранични вредности за загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух („Службен весник на РМ“, бр. 183/17).
Од таму додаваат дека ќе продолжат со редовно следење на квалитетот на воздухот и со навремено информирање на јавноста.