Министерството за животна средина и просторно планирање, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), официјално ја почнаа иницијативата БИОФИН, со која ќе се направи детален дијагностички преглед на постојниот систем и ќе се изработи конкретен и одржлив план за финансирање на заштитата на биодиверзитетот во земјата.
Како што информираат од УНДП, на денешната работилница на која учествувале претставници на ресорните министерства, финансиските институции, граѓанските организации, академската заедница, директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски изјави дека со БИОФИН, заштитата на природата ќе добие централно место во креирањето на политиките.
Игор Никоски
-Го направивме првиот чекор во процесот што ќе резултира со прецизно дефинирани финансиски потреби, финансиска стратегија за биодиверзитет и препорачани финансиски инструменти кои ќе ни овозможат премин од ад-хок поддршка кон стабилен, добро испланиран и одржлив систем за заштита на природата. Оваа иницијатива бара вклучување на сите министерствата, општините, јавните претпријатија, приватниот сектор и граѓанските организации бидејќи само на овој начин можеме да изградиме систем кој е ефикасен, транспарентен и одржлив на долг рок, нагласил Никоски.
Според Ана Чернишова, заменичка на Постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, во текот на проектот ќе бидат спроведени неколку клучни анализи, вклучувајќи Преглед на политики и институционална рамка за биодиверзитет, Преглед на трошоци за биодиверзитет и Проценка на финансиските потреби.
-Овие анализи ќе ја сочинуваат основата за идентификување и приоритизирање на најсоодветните финансиски решенија за земјата. Проектот ќе резултира со изработка на Национален план за финансирање на биодиверзитетот, кој ќе биде стратешки документ и ќе ги дефинира приоритетните мерки, финансиските механизми и одговорност на институциите, посочила Чернишова.
конференција УНДП – МЖСПП
Од УНДП соопштуваат дека биодиверзитетот се соочува со сè поголеми притисоци како резултат на губење и фрагментација на живеалиштата, загадувањето, инвазивни видови и климатските промени, дополнително отежнати од ограничените финансиски ресурси за ефективно управување и заштита.
-Како одговор на овие предизвици, државата ја усвои и активно ја спроведува Националната стратегија и акциски план за биодиверзитет, усогласена со барањата на Европската Унија и Кунминг–Монтреал Глобалната рамка за биодиверзитет, со што се нагласува итната потреба од поголемо финансирање на заштитата на биодиверзитетот и мобилизација на одржливи и иновативни финансиски решенија. Иницијативата за финансирање на биодиверзитетот (BIOFIN) на УНДП обезбедува методологија која им помага на земјите да ги измерaт финансиските потреби за биодиверзитетот, да ги идентификуваат најсоодветните финансиски решенија и да ги подобрат резултатите за биодиверзитет преку јавни и приватни финансии. БИОФИН соработува со повеќе од 130 земји за поддршка на спроведувањето на Глобалната рамка за биодиверзитет и транзицијата кон економии позитивни за природата, се посочува во соопштението на УНДП.












