Министерството за здравство денеска преку објава на Фејсбук го промовираше проектот за изгледот на идниот Меморијален центар во Тетово, кој ќе биде изграден во чест на жртвите од пожарот во модуларната болница.
Трагичниот настан, кој се случи во септември 2021 година, однесе 14 животи – 12 хоспитализирани пациенти и двајца нивни роднини. Болницата беше целосно уништена за помалку од три минути, оставајќи длабока трага во јавноста.
– Овој центар ќе биде место за сеќавање, но и потсетник дека вакви трагедии не смеат да се повторат – порачаа од Министерството за здравство.
Модуларната болница во Тетово беше една од 29-те привремени болници изградени за справување со големиот број заболени од ковид-19 во периодот на пандемијата.
Истрагата за трагедијата сè уште нема добиено официјална разрешница, а семејствата на загинатите и понатаму бараат одговорност и правда.