Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека во изминатиот период се забележани зголемен број случаи на испраќање лажни СМС-пораки кои лажно се претставуваат во име на телекомуникациски оператори.
Како што се наведува во соопштението на МВР, пораките содржат линкови до лажно дизајнирани веб – страници со цел да ве наведат да внесете лични или финансиски податоци, кои потоа можат да бидат злоупотребени од страна на криминални групи.
– Апелираме до сите граѓани да бидат крајно внимателни и да постапуваат одговорно: Не отворајте линкови од сомнителни испраќачи; Не внесувајте лични податоци на непроверени страници; Не одговарајте на вакви пораки; Пријавете го случајот во најблиската полициска станица; Блокирајте го бројот на испраќачот – стои во соопштението.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами.