Со текстовите на македонски јазик, „Фолтин“ отвора ново поглавје, внесувајќи влијание од алтернативниот рок и од новиот бран, но задржувајќи ја врската со традиционалната музика и со концептот на кабаре
Љубителите на добрата музика оваа сабота ќе уживаат во звуците на познатите нумери од популарната македонска музичка група „Фолтин“. На 6 септември, со почеток во 21:30 часот, на летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, бендот ќе одржи целовечерен самостоен концерт за своите обожаватели.
Оваа и следната година „Фолтин“ ја одбележува својата 30-годишнина од формирањето и од првиот самостоен концерт.
Основана во 1995 година, во Битола, групата е препознатлива по својот уметнички и експериментален израз. Текстовите често се фонетска имитација на неколку медитерански јазици – „спонтан есперанто“, како што го нарекуваат самите. Нивниот препознатлив стил, псевдоемигрантско кабаре, е амалгам на традиционалната музика, електрониката и на рокот, збогатен со визуелните елементи од кабарето и од перформансот.
Со текстовите на македонски јазик, „Фолтин“ отвора ново поглавје, внесувајќи влијанија од алтернативниот рок и од новиот бран, но задржувајќи ја врската со традиционалната музика и со концептот на кабаре.
Бендот го сочинуваат Пеце Николовски, Гоце Јованоски, Славчо Јовев, Пеце Трајковски – Брада и Бранислав Николов.
Групата има објавено повеќе од десет студиски изданија, а нејзината музика е дел од над триесет театарски претстави и од неколку филма („Плати и жени“, „Со љубов“, „Исцелител“, „Медена земја“ и др.).
До сега ги имаат издадено албумите „Outre-Mer“,„Archimed“,„Donkey Hot“,„Lo-Lee-Ta-Too“,„Penelope X“, „Антитело“ и последниот е наловен „Пијан Славеј“.
Настанот се организира во соработка со ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп и е финансиски поддржан во рамките на Програмата за проекти од национален интерес за 2025 година на Министерството за култура и туризам на Македонија.