Музичко-брачната двојка ја обележа 2025 година со фолк-хитови!
Популарната музичко-брачна двојка од Струмица, Горан и Ленче Кукиќ, која е симбол на долгогодишната љубов и на семејното заедништво, ја завршува годината весело, на свој начин. Има причина за тоа. 2025 им беше успешна во секој поглед, особено на Ленче Дедејче, која го испеа својот мегахит – „Ракија се пече“ (на фолкфест „Владимирово 2025“). Исто така не се заборава ниту нејзиниот гламурозен настап во Белград, во балканското шоу “Никад није касно“, во кое најдобара впечаток го остави со македонската песна “Катерино моме….Зошто си толку, моме, убава, зошто си толку, моме, гиздава“?
Новогодишната ноќ, како и поголем дел од музичарите, тие ќе ја минат работно. Ќе бидат во Охрид. Велат дека многу се радуваат, бидејќи ќе ги забавуваат (во еден од охридските хотели) оние што најмногу ја сакаат нивната песна, која секогаш е весела, крева на нозе, се пее колку што држи гласот. И, секако, во највеселата ноќ се наздравува. Затоа имаат едноставен, но многу практичен „рецепт“ за најдобар новогодишен пречек.
– Бидете опуштени, заборавете на проблемите, кои секогаш постојат, пејте ги саканите песни, „ставете“ искрена насмевка, која го разубавува лицето. Облечете се во она во кое ќе се чувствувате најпријатно за да можете да танцувате и оро да играте до раните утрински часови. На полноќ, кога ќе се поклопат стрелките, посакајте си го она што сакате да ви се оствари. Наздравете со личноста со која сте на пречекот или доколку евентуално сте сами (пред телевизор или некаде службено заминати), налејте си од вашиот омилен пијалак и пејте, пејте… Таква е ноќта: за пеење, за добро расположение, за радост, за наздравување, за позитивната страна на животот – велат навистина веселите, народни луѓе Горан и Ленче.
Инаку, тие многу ја сакаат Нова година како празник. Ги враќа во детството, кога им се радувале на подароците оставени од Дедо Мраз под украсената елка. И сега по дома им е сè празнично украсено, од секој ќош зрачи новогодишна атмосфера. Уште наутро кога стануваат, почнуваат со утринското кафе, кое е ритуал во нивниот дом дури и на први јануари, по новогодишната веселба. И што е најважно, Ленче Дедејче и нејзиниот Горан, без разлика на годините што гордо си ги носат и што се поодамна остварени како родители (нивниот син, Иван, е познат и признат музичар), сè уште силно веруваат во магијата на Дедо Мраз.
– Така е, но, исто така, сакаме за самата новогодишна ноќ да заврне снегче, да ни направи ќеиф. Нека ни ја исполни оваа скромна желба драгиот Дедо Мраз. За оние големите желби, ќе се договараме со него, онака пополека во од, во наредните 365 дена. Само да има за сите најмногу здравје, најскапото нешто на светот. Да има и мир, спокој, разбирање, љубов, благосостојба, во секое семејство. А, ич да нема војни, сиромаштија и болештини. Среќна да е 2026 година и на многубројните читатели на ВЕЧЕР и на vecer.press Дуле МИЌИЌ
–
–












