„Фантазија“ е концертот што Македонската филхармонија ќе го изведе на 13 јуни, со почеток во 20:30 часот во Градскиот парк во Скопје, а на кој скопјани ќе можат да уживаат во музика од познатите анимирани филмови „Малечката сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Аладин“, „Книга од џунглата“, „Снежно кралство“, „Кралот лав“, „Приказна за играчките“…
Композиции од познати анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“ ќе бидат изведени на годинешниот традиционален концерт на Македонската филхармонија на отворено кој е насловен „Фантазија“ а ќе се одржи во Градскиот парк во Скопје, на 13 јуни, со почеток во 20:30 часот. Со оркестарот на Македонската филхармонија ќе диригира Тимоти Редмонд од Велика Британија, а како солисти ќе настапат нашите Биљана Јосифов, сопран, тенорот Денис Димоски и бас-баритонот Иван Наумовски.
-Oваа година на концертот ќе се изведе избор на композиции од музиката на најубавите анимирани филмови како „Малечката сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Аладин“, „Книга од џунглата“, „Снежно кралство“, „Кралот лав“, „Приказна за играчките“… Насловот на концертот е извлечен од истоимениот анимиран филм „Фантазија“ во кој дејствието се гради на осум класични музички дела во изведба на Филхармонискиот оркестар од Филаделфија под диригентската палка на Леополд Стоковски – рече Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија на денешната прес-конференција, на која го најави концертот.
Истакна дека тој е наменет за широк круг на публика.
– Музиката од овие филмови е безвременска, како што се и самите филмови со кои израснаа и сè уште растат новите генерации. Волшебната атмосфера која извира од самиот наратив на приказните уште повеќе се потенцира и преку музиката која сама по себе претставува посебна, независна приказна. Штом ќе ги чуете песните, веднаш знаете за кој филм станува збор – тоа е потврда дека станува збор за музички ремек-дела кои функционираат и самостојно, како посебни фрагменти кои се врзуваат со овие филмови- додаде Имери.
Музичката изведба ќе биде надополнета и со видео фрагменти од филмовите и со специјално осветлување кое на публиката ќе и понуди уште едно незаборавно доживување под отворено ѕвездено небо со оркестарот на Македонската филхармонија.

Како што истакна, пак, диригентот Тимоти Редмонд светот на Дизни е полн со магија и фантастична музика која допира до многу генерации.
– Сите сме израснале со оваа музика. Ова е музика која зборува со сите генерации, нè враќа во детството. Сите сме ги гледале овие филмови, а сега ќе имаме можност да ја чуеме само музиката, преку феноменалната оркестрација и преку звукот на оркестарот и солистите. Уживаме во целиот проект, секоја композиција буди различни емоции, одлично течат пробите, ќе имаме одличен концерт в петок – рече Редмонд, додавајќи дека ова е можност луѓето во живо да слушнат 20 композиции кои им се многу познати.
Солистите Биљана Јосифов и Иван Наумовски истакнаа дека ова е уникатна можност да излезат од класичните рамки на оперското пеење и да се претстават пред публиката преку нов израз.

– Со овој проект ние класичните музичари имаме можност да излеземе од нашата комфорна зона и да покажеме што знаеме и во други области. Како оперски пејачи сиот израз, емоции и искуство го оставаме на сцена преку гласот. Оркестрацијата е фантастична, но песните не се воопшто едноставни за пеење, комплексни се, но во себе имаат една детска игривост кој изнудува насмевки на нашите лица додека пееме – посочи Наумовски, кој додаде дека е многу возбуден бидејќи досега немал ваков настап и дека концертот за него претставува голем предизвик.
И за Биљана Јосифов концертот е предизвик бидејќи првпат музиката од филмовите на Дизни ќе ја изведува јавно, што бара работа и спретност.
– Се обидов да внесам и свој препознатлив печат во изведбата на композициите, и некој од нив ќе бидат изведени на оперски начин, малку поинаку од нивната автентична изведба која сме ја слушале во филмовите – истакна сопранистката Јосифов.
На концертот Јосифов и Наумовски ќе настапат со солистички изведби, но и како дуети со музиката, како што рекоа, на американскиот композитор Алан Менкен, најпознат токму по своите музички дела и песни создадени за филмови продуцирани од „Дизни“.

Со концертот на отворено, во Градскиот парк, на 13 јуни, Македонската филхармонија ќе го заокружи официјалниот дел од оваа концертна сезона.
Како што најави директорот Имери, по овој концерт, следува гостувањето на Македонската филхармонија во Солун, на 30 јуни, каде што заедно со музичарите од Софиската и Солунската филхармонија уште еднаш ќе биде изведен заедничкиот проект: музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која премиерно беше изведена во Софија во февруари, годинава. По концертот во Солун, оркестарот ќе настапи на отворањето на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули со пијанистката Клер Хуангчи и диригентот Едвин Оутвотер од САД. (Н.И.Т.)