Аплаузи за младите музичари од Македонија и од Бугарија што завчеравечер, во големата сала на Филхармонијата, настапија заедно во рамките на гала- концертот насловен „Мостови на уметноста Скопје –Софија“, со кој започна 46. издание на реномираниот фестивал „Скопско лето“. Со академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија во Софија диригираа Ана Спасовска и Николаи Хилендаров, а како солисти настапија Јана Каевска – флејта, Марија Магдалена-Желјазгова – флејта, Сања Јовиќ-Ѓорѓевиќ – виолина, како и Тодор Иванов – виолончело, Искра Атанасова-Митуш – пијано и Николај Маринов – пијано. Со своите талент и професионалност, тие ги одушевија присутните во салата – беспрекорно и со голема одговорност ги изведоа делата на познатите композитори Вивалди, Моцарт, Лист и на Чајковски.

Како што додаваат од „Скопско лето“, овој настан ги симболизира регионалната соработка, младешката енергија и универзалниот јазик на музиката.

Инаку, до 30 јули, на различни културни сцени во градот ќе се одржат повеќе од 35 настани, меѓу кои театарски претстави, изложби, литературни вечери и танцови перформанси. (Д.Т.)  Фото: П.Стојановски

Јубилеен концерт на „Баклава“ утревечер во Куршумли ан

Во Куршумли ан утре, 23 јуни (20. 30 часот), во Старата скопска чаршија концерт ќе одржи познатата група „Баклава“ која слави две децении музичко творештво. Препознатлива по својот автентичен акустичен звук „Баклава“ ќе ги прошета присутните низ богатиот и разновиден музички свет создаден во текот на нивната 20 –годишна кариера, а ќе бидат изведени песни од сите пет албумски изданија – „Баклава“, „Калемар“, “Ме манкас мучо“, „IV“ и „За Скопје со љубов“- како музичко патување низ љубовта, традицијата и урбаниот ритам.

ИЗДВОЕНИ