– Само во првите шест месеци, заклучно со јуни 2025 година, Музејот на вода и покрај интензивната реконструкција која се вршеше, го посетија 30.213 посетители, што е повеќе од лани кога во истиот период имавме 29.894 посетители, вели Горан Патчев, директор на Заводот и музеј Охрид. Според надлежните, обновени се палафитната населба, изложбениот простор во музејот, санитарните јазли, осветлувањето, вентилацијата, а ќе се спроведе и наводнувањето на локалитетот

 

Наколната населба во Заливот на Коските, позната како Музеј на вода, лоцирана на брегот на Охридското Езеро, е една од најголемите туристички атракции во Охридскиот Регион, која привлекува илјадници туристи, не само од државата и соседството туку и пошироко. Според истражувањата кои беа направени на овој локалитет, оваа праисториска наколна (палафитна) населба се простирала на површина од 8.500 квадратни метри со околу 60-ина живеалишта, а посетителите имаат можност да го видат делот кој е изграден идентично врз остатоците од подводниот археолошки локалитет, Плоча Миќов Град, со хронолошка припадност од крајот на бронзеното и почетокот на железното време. На местото се откриени многу остатоци од орудија, предмети од керамика, од дрво, од камен и делови од животни како еленски рогови. Овој локалитет има особено големо историско значење бидејќи со реконструираните куќички може да се види секојдневјето на праисторискиот човек, кој се занимавал најмногу со риболов, но и со земјоделство и лов. Токму наколните живеалишта на платформи, како и музејскиот центар со изложбен простор за наодите, предизвикуваат особено внимание кај туристите.

– Само во првите шест месеци, заклучно со јуни 2025 година, и покрај интензивна реконструкција која се вршеше, музејот на вода го посетија 30.213 посетители, што е повеќе од лани кога во истиот период имавме 29.894 посетители. Сега постои можност билетите да се резервираат и да се купат преку интернет, што е новина https://rurivo.com/#/categories/list?publishedBy=Y64nsavZknMTwN8vWXlAfam2N6e2. Инаку, овој локалитет има огромно историско значење бидејќи можеме да видиме како се живеело на овој простор пред околу 6.500 години, со откриени артефакти кои можат да се видат во објектот на брегот. Иако комплексот е отворен 2008 година, сепак, последните седум години таму не беше инвестирано“, посочи Горан Патчев, директор на Заводот и музеј Охрид, кој додаде дека токму од тие причини во изминатите месеци интензивно е работено на реконструкцијата на овој комплекс.

Станува збор за обемен градежен зафат за целосна реставрација на локалитетот, а деновиве беше и промовиран комплексот на кој повторно му се враќа сјајот.

Според надлежните, обновени се палафитната населба, изложбениот простор во музејот, санитарните јазли, осветлувањето, вентилацијата, а ќе се спроведе и наводнувањето на локалитетот.

„Не случајно секторот туризам го додадовме до Министерството на култура и тоа стана Министерство за култура и туризам бидејќи според спроведените истражувања, најголемиот дел од посетителите, односно, туристите што ја посетуваат Македонија, доаѓаат поради богатото културно наследство. Оваа населба, заедно со придружната инфраструктура, претставува еден значаен објект за Охрид и за туристите што го посетуваат градот, кажа премиерот Христијан Мицкоски при неодамнешната посета на Музејот на вода. Министерот за култура, Зоран Љутков, пак, посочи дека кога стапил на функцијата, затекнал девастирана институција, неодржуван запуштен локалитет што е недозволиво за таква туристичка атракција.

– Се потрошија 15 милиони денари и сѐ уште ќе се издвојуваат средства за еден доходовен комплекс како што е Музејот на вода. Во наредниот период ќе инвестираме и во други содржини во Охрид, истакна Љутков.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, посочи дека изминатите триесетина дена во Охрид се бележат повеќе важни настани директно поврзани со инфраструктурниот развој на Охрид, но и инфраструктурата поврзана со туризмот.

– Ова е само почеток и преку соработка на локалната самоуправа со централната власт очекувајте уште многу вложувања во наредниот период, додаде Пецаков.

Реконструкцијата на локалитетот Музеј на вода – Залив на коските е реализирано преку средства обезбедени од НУ „Завод и музеј – Охрид“, како дел од пошироката стратегија за поддршка на културното наследство и развој на туризмот во Охрид.

Инаку, подводните археолошки истражувања на локалитетот „Плоча Миќов Град” во Заливот на Коските, во водите на Охридското Езеро, покрај јужното крајбрежје на полуостровот Градиште, близу рибарската и туристичка населба Пештани, се реализираа во кампањи секоја година од 1997 до 2005 година, а во 2007 – 2008 година беше изведена реконструкција на дел од населбата со што се презентира атрактивен археолошки локалитет на брегот на Охридското Езеро. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ