Реномираниот уметник од Гана, Ибрахим Махама, деновиве со јутени вреќи ја обвитка фасадата на Музејот на современата уметност во рамки на неговата прва самостојна изложба во нашата земја, која ќе трае до 14 ноември.

– Текстилната површина, составена од преку 1.000 јутени вреќи кои ја обвиткуваат зградата, е секојдневно користена за транспорт на стоки и производи, првенствено во економиите на глобалниот југ, носејќи ги на себе историските траги од процесите на трудот, размената, реферирајќи на теми како глобализација и миграција, експлоатацијата и економската нееднаквост. Преку поврзување на јутените вреќи и нивното инсталирање на површината на зградата на музејот, делото истражува како историските настани се вградени во материјалноста на јутените вреќи и како преку оваа инсталација фасадата се преобразува во политичко огледало, посочуваат од МСУ.
Основан во 1964 година, како што е познато, МСУ – Скопје е создаден како платформа за уметничка размена, културна и меѓународна соработка. Изграден од донации по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, претставува материјално здание на принципот на солидарност, место кое го одразува ветувањето за подобро општество.
Од музејот појаснуваат и дека интервенцијата на Махама го обновува основачкиот етос на музејот, потврдувајќи ја улогата на уметноста во општеството и нејзиниот потенцијал да претставува и да одразува акти на солидарност без оглед на различните просторни и историски контексти и ситуации.
– Зградата на музејот нераскинливо се поврзува со инсталацијата и јутените вреќи на Махама, станувајќи пандан во изразувањето и повторно промислувајќи ја и воспоставувајќи ја солидарноста, спротивно на доминантните глобални односи на моќ и експлоататорската геополитичка динамика, додаваат оттаму.
Ибрахим Махама е роден во 1987 година во Тамале, Гана. Има реализирано самостојни изложби и излагања на реномирани европски и светски уметнички сцени. Надвор од својата уметничка практика, Махама активно се стреми да ја редефинира улогата на уметноста во општеството. Тој ги основа Центарот за современа уметност „Савана“ и Студиото „Црвена глина“, обете институции посветени на образование, експериментирање и уметничка практика водена од заедницата во северна Гана.

Во соработка со Факултетот за ликовна уметност, Махама одржа и предавање. Студентите од сите студиски години на ФЛУ, како и пошироката публика, имаа можност да го проследат инспиративното и аргументирано предавање на уметникот, кое беше проследено со голем интерес и со прашања и дискусија.