Ексминистерот за европски прашања, Орхан Муртезани, е предлогот на Владата за нов амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел, потврдуваат извори од македонското МНР за весникот ВЕЧЕР. Јавноста очекуваше кое ќе биде неговото следно именување откако во декември лани на неговата министерска позиција во Министерството за европски прашања беше назначен сегашниот министер, Беким Сали. Тогаш премиерот Христијан Мицкоски јасно стави до знаење дека го има на ум Муртезани за друга позиција. По разрешувањето, Мицкоски изјави дека немаат разговарано за ново именување на Муртезани, но јасно остави простор за натамошна соработка со него, во друга форма. Премиерот потенцираше дека е исклучително задоволен од неговата работа и дека очекува да продолжи нивната соработка на друго место.
Како изненадување за јавноста е предлогот Илина Мангова да ја преземе важната дипломатска мисија во Лондон. Мангова „влетува“ во дипломатијата од невладиниот сектор, од раководните структури на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Со овие имиња, Владата, на последната седница во вторникот, го отвори новиот круг именувања во дипломатската мрежа, во кој влегуваат вкупно деветмина кандидати за амбасадори и уште две позиции во конзулатите.
Другите кандидати, главно, се дипломати од кариера, со повеќегодишно искуство во Министерството за надворешни работи. Меѓу нив е и Линда Салиеска-Иљазоска, која моментално работи во кабинетот на министерот за надворешни работи и по завршување на процедурите, треба да ја преземе амбасадорската функција во Хаг.
Според информациите, Крум Ефремов ќе биде нов амбасадор на земјава во Софија, а Габриел Атанасов во Букурешт.
Паралелно со овие девет имиња, Владата донела одлука и за пополнување на две конзуларни позиции – во Мелбурн и во Солун.
Од претходно, уште од август лани се познати и кандидатурите за неколку други дипломатски претставништва: Веле Трпевски за Тирана, Андријана Цветковиќ за Токио, Димитар Блажевски за Киев и Фадиљ Зендели за Копенхаген, но и овие предлози се во процедура и ги очекува собраниско сослушување, каде што кандидатите ќе треба да ги претстават своите програмски определби пред пратениците.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека има одлука за нови амбасадорски имиња, но поради класифицираноста на информациите, нивните имиња не може да бидат официјално соопштени.
– Да, ќе има информација. Тоа беше на затворена седница, да се декласифицираат имињата и ќе се споделат со јавноста – изјави премиерот Мицкоски.
Согласно со процедурите, и од МНР не ги потврдуваат имињата на новите амбасадори сè додека не добијат агремани од земјите во кои треба да бидат испратени. По добивањето на агреманите, предложените кандидати ќе треба да ги бранат своите тези пред собраниската Комисија за надворешна политика, законска обврска поради чие неисполнување претседателката на државата минатата пролет отповика осуммина амбасадори.
Со завршувањето на сите формални постапки, вкупниот број дипломати испратени во мандатот на министерот Муцунски ќе се искачи на 18. Од нив, 11-мина, односно повеќе од 60 проценти, се кариерни дипломати. Овој сооднос се вклопува во најавената политика за поголема професионализација на дипломатската служба и е во линија со новиот Закон за надворешни работи, кој пропишува најмалку половина од амбасадорските позиции да припаднат на професионалци од редовите на МНР.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, веднаш по стапувањето на функцијата, во неколку наврати порача дека еден од неговите приоритети ќе биде да се стави ред во дипломатската мрежа. МНР во декември 2024 година предложи, а во мај лани Собранието го усвои предлог-законот за надворешни работи, кој, како што изјави Муцунски, е во насока на воспоставување поефикасна, професионализирана и департизирана дипломатска служба. Една од клучните измени е зголемување на мандатот на амбасадорите од досегашните три на четири години, со можност за продолжување во исклучителни случаи, во согласност со интересите на надворешната политика. Исто така, се зголемува процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати и наместо една третина како досега, со измените најмалку половина (50 %) од амбасадорите ќе мора да потекнуваат од редовите на МНР. Законските измени предвидуваат и јасни рокови за дејствување на Собранието, односно обврска Комисијата за надворешна политика да одржи сослушување на кандидатите за амбасадори во определен временски рок, со што би се избегнале идни институционални блокади, како и ограничување на бројот на вршители на должност и нивниот мандат, со цел да се спречи долготрајно функционирање на дипломатските претставништва без формално назначени амбасадори. Дополнително, воведена е можност за назначување специјален државен претставник во странство доколку постои посебен интерес за државата. Овие измени се веќе во сила, што значи дека новите правила важат за сите актуелни и идни именувања и постапки. (В.С.Н.)












