Добредојдена е посетата на претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта бидејќи дава порака дека регионот, особено Северна Македонија, е дел од агендата. Сите пораки што стигнаа досега, а се надевам ќе продолжат да стигнуваат и во иднина, се дека мора ние да направиме чекори кон имплементација на тоа што е, за жал, преземено во 2020 година за да можеме да ја фатиме динамиката во проширувањето која по руската инвазија во Украина доби дополнителна брзина и не само што верувам во тоа, туку и го гледам, рече вечерва министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Муртезани во „Само интервју“ напомена дека процесот на преговори не е поврзан само со бугарското вето, туку е проширен и покомплексен.
-Не е заклучен бројот на протоколи со Бугарија, се залагаме да се исправат работите со дијалог. Нашата цел е крај на јуни технички да бидеме подготвени за отворање на преговорите, порача Муртезани.
Муртезани истакна и дека се што ни се нуди нам е исто како и кај земјите членки на ЕУ, како и дека вниманието на Унијата кон Западен Балкан расте.
-Колку поодбро се подготвуваме сега, толку побрзо ќе се движиме подоцна. Формално ги имаме добиено сите пет извештаи од скринигот, останува уште извештајот од Кластерот пет. Веќе ги разгледуваме извештаите и ги разговараме наодите, многу брзо треба да го реактивираме целиот систем и задачите кои се пред нас од скринингот да ги доделиме на институциите за да можат да работат, истакна министерот.
Според него, Македонија во однос на Албанија е многу попоготвена за влез во ЕУ, но Албанија го почна процесот на преговори што е факт дека процесот на проширување не само што е жив, туку се води со многу поголема динамика.