Мултифункционалниот центар ќе го смени ликот на Ново Лисиче

42

До крајот на 2027 година треба да биде готов мултифункционалниот центар во Ново Лисиче, кој треба да биде на располагање на потребите на „Скопје – град на културата 2028“.

Центарот се наоѓа во срцето на ново Лисиче зад спортскиот центар „Марко Божиновски“, а ќе има главна сала со преку 240 седишта, посебен ред за лица со попреченост, фоаје, бифе и едукативни простории и работилници. Со новиот лифт, просторот ќе биде целосно пристапен за сите граѓани.

Неговата изградба ќе чини 99 милиони денари во прва фаза, доделени од Владата на Општина Аеродром, од унгарскиот кредит.

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера извршија увид на градежните активности.

– Овој објект претставува навистина нешто што ќе е додадена вредност во културниот живот не само во Општина Аеродром туку и во Скопје, и ние, како Влада, ова го препознавме и заедно со општината ќе го реализираме. Чувствувам дека кога ќе биде готов, целото ова маало ќе изгледа поинаку. Сигурен сум дека не само општината туку и скопјани ќе го користат овој мултифункционален центар на културата или културен центар, како сакат – рече Мицкоски.

Министерот Љутков додаде дека овој објект најмногу ќе биде изграден за потребите на Скопје – град на културата, титула што се потврди пред две недели во Брисел. За таа намена, во Скопје ќе има четири до пет такви центри кои ќе бидат во функција на „Скопје – град на културата“.

 

ИЗДВОЕНИ