
Пред средбата со Герапетритис, Муцунски, исто така, преку социјалните мрежи сподели дека билатералната соработка, економијата и инвестициите ќе бидат во фокусот на разговорите.
Шефот на дипломатија во постот на Инстаграм, пропратен со фотографија од пред грчкиот Парламент, информираше дека по средбата во грчкото МНР, заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ќе се сретнат со раководството на грчката компанија „Ронтис“, која веќе успешно инвестира и работи на нашиот пазар. Муцунски се осврна и на претстојните, како што напиша, значајни активности.
– До крајот на неделата следуваат уште значајни активности – учество на министерски состанок во Истанбул, каде што на покана на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, ќе се сретнеме со колегите од целиот регион. А неделата е резервирана за Илинденската коњаница во славното и патриотско Горно Лисиче, напиша Муцунски.
Грчки Екатимерини, пак, пред средбата објави дека на состанокот со Муцунски, Герапетритис ќе реагира за нецелосно спроведување на Преспанскиот договор.
-Средбата се случува среде засилениот притисок од Европска Унија врз Скопје да ги испочитува обврските поврзани со процесот на пристапување. И покрај неодамнешните примери на соработка – вклучително и третманот на повредените македонски граѓани од страна на Грција по смртоносниот пожар во ноќен клуб во Кочани, како и заедничките акции за гаснење пожари – Атина изрази загриженост поради сè почестата употреба на името „Македонија“ без уставниот префикс „Северна“ од страна на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министрите од владејачката националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Грчките власти исто така се загрижени за изоставувањето на „Северна“ во јавниот дискурс и институциите на државата, вклучително и спортските федерации, пишува Екатимерини.
Во текстот се пренесува изјава на македонската претседателка Силјановска-Давкова дека ако Преспанскиот договор навистина и донел корист на државата, таа веќе ќе беше членка на ЕУ.
-Таа и претставници на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека понатамошниот напредок е закочен поради нератификацијата на три билатерални меморандуми од страна на Грција, кои се поврзани со договорот, објави грчки Екатимерини.