четврток, јануари 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Муамет и Андреј со лична иницијатива ја чистат и ја уредуваат јавната...

Муамет и Андреј со лична иницијатива ја чистат и ја уредуваат јавната средина

74

Кога надлежните затајуваат, за жал, поединци ги преземаат работите во своите раце, иако тоа не е доволно за да се доведат состојбите во ред. Кога веќе граѓаните се жалат дека институциите не си ги вршат своите обврски како што треба, а гледаат дека поединци одлучиле да ги сменат нештата, треба да им се придружат, а не да бидат само неми набљудувачи.

Последен пример е  битолчанецот Муамет, лице од ромска националност, кој со лична иницијатива и без никаков надоместок, деновиве, целосно ја исчистил дивата депонија која со месеци се наоѓала околу станбените згради во населбата Областа во Битола.

Без поддршка од институции и без медиумско внимание, Муамет самостојно ја спровел акцијата, воден единствено од чувството на одговорност и грижа за заедничкиот простор. При чистењето било отстрането значително количество отпад, а просторот повторно станал почист и побезбеден за жителите.

Жителите од околните згради изразиле благодарност и коментирале дека вакви примери ретко се гледаат, посочувајќи дека станува збор за гест кој заслужува јавно признание и почит.

Овој чин е потсетник дека грижата за животната средина и за заедницата не зависи од адреса, припадност или обврска, туку од човечноста и од личната свест.

И во Скопје се појави градинарот, скопјанецот Андреј Рајатоски, кој стана хит на социјалните мрежи со своите видеа, од кои може да се види дека претвора запуштени јавни површини во убави катчиња за одмор.

Неговите магични раце ги средуваат пешачките патеки обраснати со трева, а на зелените грмушки им даваат преубави форми. Со неговите потези, патеките стануваат пошироки, а клупите над кои има зеленило функционални.

Овие свои активности ги објавува на сите социјални мрежи: „Инстаграм“, „Фејсбук“, „Тик-ток“, „Јутјуб“, под псевдонимот gradinarot.mk.

Сепак, не се доволни грижата и одговорноста, на еден, двајца или тројца. Потребно е и останатите да им се придружат, доколку сакаме навистина да ги ставиме работите во ред, кога институциите затајуваат.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ