Таткото на кошаркарската суперѕвезда на Бостон селтикс, Џејлен Браун, е уапсен под обвинение за обид за убиство, објави „TМЗ Спорт“.
Марсел Браун, инаку поранешен професионален боксер, се најде во центарот на скандал откако наводно избодел тренер на младински фудбалски тим за време на расправија за паркинг-место.
Инцидентот се случил во понеделник, а според официјалните информации, Браун избегал од местото на настанот по нападот, но полицијата набрзо го пронашла и го уапсила.
Нападнатиот тренер претрпел сериозни повреди на стомакот и бил итно префрлен во блиската болница, каде што бил опериран. Неговата моментна здравствена состојба засега е непозната.
Според сегашните информации, Марсел се очекува да биде обвинет за обид за убиство, но ова сè уште не е потврдено од официјални канали. Овој случај фрли сенка врз семејството на познатиот кошаркар Џејлен Браун, еден од клучните играчи на Бостон селтикс.
Браун е еден од најдобрите кошаркари и на Селтикс и на НБА и моментно е во цутот на својата НБА-кариера.
Досега, Џејлен не се огласил за овој немил настан. Се чекаат и официјални информации за обвинението, како и предлогот за затворска или друга казна.