Тимот на „Ферари“ веќе со години е далеку од конкурентен кога е во прашање титулата во Формула 1, а иако многумина сметаа дека тоа ќе се промени со доаѓањето на Луис Хамилтон, сепак, тоа не се случи.

Болидот SF-25 не ги исполни очекувањата и во најголем дел не успеа да се носи со моќниот Мекларен, како и со тимот на „Ред Бул“. И покрај проблематичниот старт, „Ферари“ моментално е на второто место во шампионатот на конструктори со 165 бода, но е далеку зад лидерот Мекларен, кој има 362 бода. Сепак, „Ред Бул“ е далеку подобар на патеката во однос на „Ферари“, но нивниот втор возач, прво Лиам Лосон, а сега и Јуки Цунода, се далеку од конкурентни.

Поради лошите резултати, се појави информација дека Шарл Леклер сериозно размислува да го напушти „Ферари“. Според италијанскиот весник „Кориере дела сера“, Леклер сè повеќе ја губи довербата во долгорочниот проект на „Ферари“ и повеќе не ја исклучува можноста да се пресели во друг тим пред промената на техничките правила во 2026 година.

Неговиот најголем страв е дека „Ферари“ нема да биде конкурентен ниту во новата ера на Формула 1.

Во овој контекст, „Мерцедес“ се појавува како можна дестинација. Шефот на тимот, Тото Волф, долго време покажува интерес за Леклер, а за тоа најдобро говори изјавата дадена во 2023 година.

  • Шарл е одличен човек и, на долг рок, некој кого секогаш мора да го имате на радарот, тоа е јасно. Но, не на краток или среден рок, рече Волф во тоа време.

Волф исто така рече дека немал можност да разговара со Леклер поради неочекуваното и рано заминување на Хамилтон, што го оставило без можност да го доведе Ландо Норис, кој исто така го обнови договорот со Мекларен.

  • Очекував Луис еден ден да си замине, но не мислев дека ќе биде толку рано. Не ми остави шанса да разговарам со Леклер или Норис, истакна Волф.

Леклер се искачи на подиумот на последната трка во Ф1, на шпанското Гран При и се надева дека ќе го повтори сличниот резултат овој викенд во Канада.

Сепак, без значително подобрување на перформансите на болидот и јасна стратегија за иднината, лојалноста на Леклер кон „Ферари“ би можела да заврши, непосредно пред големите промени што доаѓаат во Формула 1 од 2026 година.

ИЗДВОЕНИ