Мртов интернет – Вештачката интелигенција ги истурка луѓето од социјалните мрежи, 51% од објавите се од „ботови“

243

Коосновачот на „Редит“, Алексис Охенијан, и коосновачот на „Опен АИ“, Сем Алтман, последниве недели предупредуваат на социјалните мрежи за она што го нарекуваат „теорија на мртов интернет“. Станува збор за идејата дека на  интернетот веќе не доминираат луѓе, туку „ботови“. Експертите кои претходно ја отфрлија таа теорија како теорија на заговор, сега предупредуваат дека таа може да биде реална, со оглед на брзиот развој на вештачката интелигенција.

– Дали е време повторно да ве потсетиме на теоријата за мртов интернет? –  напиша Охенијан на „Икс“. Тој реагираше на објава за тоа колку корисници на „Редит“ биле измамени од серија објави за дебела мачка по име Паунд Кејк. Таа наводно била на диета – за подоцна да се открие дека, всушност, е генерирана од вештачка интелигенција, пишува „Форбс“.

Охенијан е сè погласен по ова прашање во последните месеци.

Во јуни, тој на социјална мрежа „Икс“ предупреди дека „прашањето не е дали поголемиот дел од она што го гледаме на интернет е создадено од вештачка интелигенција, туку дека тоа е веќе така креирано“. Тој призна дека пред десет години тоа што се сметало за теорија на заговор, денес е „многу реален феномен“ поради ширењето на „ботови“ на социјалните мрежи и фактот дека луѓето сè повеќе користат вештачка интелигенција за креирање и за ширење содржини. Алтман, пак, на „Икс“ напиша дека „никогаш не ја сфаќал премногу сериозно теоријата за мртвиот интернет, но се чини дека сега навистина има многу сметки на ’Твитер’ водени од LLM (големи јазични модели)“.

Процентот на интернет-сообраќај генериран од „ботови“, а не од луѓе, во 2024 година е 51%, според податоците од компанијата за сајбер безбедност, „Имперва“. Ова е првпат во последните 10 години активноста на „ботови“ да ја надмине човечката активност. Компанијата го припиша ова на „порастот на технологиите за вештачка интелигенција и на големите јазични модели (LLM), кои го поедноставија креирањето и ширењето на ботови за злонамерни цели“.

Истражувачи од швајцарските универзитети истакнуваат дека за корисниците станува сè потешко да разликуваат содржина создадена од луѓе од содржина генерирана од вештачка интелигенција. Како пример го наведуваат порастот на видеата „дипфејк“. Додадоа дека социјалните мрежи станаа „помалку за поврзување на луѓето, а повеќе за консумирање содржина и провоцирање на допамински реакции во мозокот“, при што генеративната вештачка интелигенција се користи дури и во малопродажбата за креирање реклами и продажба на производи. Уредникот за технологија на „Гардијан“, Алекс Хирн, ги обвини Илон Маск и неговата платформа „Икс“ за влошување на феноменот.

ИЗДВОЕНИ