
На Денот на мрмотот, традиционална манифестација што се одржува во САД, мрмотот Пнксатони Фил од Пенсилванија излезе од дупката и си ја виде сенката, што значи дека има уште шест недели до пролетта. Прогнозите, кои ги дава уште од крајот на 19 век, често се неточни, но овој пат метеоролозите се согласуваат со него и велат дека ќе се врати арктичкиот воздух
Уште шест недели зима прогнозираше во понеделникот мрмотот Панксатони Фил. На Денот на мрмотот, традиционална манифестација во Пенсилванија, САД, тој излезе од дупката и си ја виде сенката, што значи дека има уште време до пролетта.
Неговата прогноза се поклопи со прогнозите на професионалците, кои велат дека е веројатно февруари да биде студен за источната половина од нацијата, додека Западот ќе ужива во благ до топол временски период во блиска иднина.
– Американците треба да запомнат дека Денот на мрмотот е само забава на средината од зимата, а климатските записи велат дека зимата, веројатно, не е завршена – според Националната океанска и атмосферска администрација (НОАА), наведува „Ју-ес-еј тудеј“.
Настани по повод Денот на мрмотот во понеделникот, освен во Пенсилванија, се одржаа и во Мичиген, како и во повеќе од 28 американски држави и канадски провинции. Колку ќе трае зимата и кога ќе се почувствува првиот здив на пролетта, се остава да кажат крзнените „метеоролози“.
Според верувањето, ако мрмотот Вуди од Мичиген или Панксатони Фил од Пенсилванија не ја види својата сенка, пролетта ќе пристигне порано. Денот на мрмотот се одбележува на 2 февруари уште од 19 век, но по премиерата на филмот „Ден на мрмотот“ во 1993 година, во кој глуми Бил Мареј, овие настани станаа уште попопуларни.
Според легендата, ако излезат од своите дупки и ги видат сопствените сенки, мрмотите ќе се повлечат и зимата ќе трае уште шест недели. Меѓутоа, ако не ја видат својата сенка, тоа значи дека раната пролет е пред вратата и дека може да се очекува зголемување на температурите во наредните недели. Сепак, трите најстудени месеци во годината се декември, јануари и февруари (метеоролошка зима), така што зимата обично сè уште има пат пред себе по 2 февруари, кога излегува мрмотот.
Годинава, Панкстаони Фил ги разочара граѓаните, иако неговите прогнози, кои ги прави уште од крајот на 19 век, често биле погрешни. Но, овој пат метеоролозите се согласуваат со него.
– Поларниот вител би можел да ослободи уште еден бран на ладен воздух низ централните и источните делови на САД околу средината на февруари – кажува онлајн прогнозата на експертот за долгорочни истражувања на „Аку ведер“, Пол Пастелок.
Тој рече дека ќе биде придружено ова со можност за снег. Метеорологот на ДТН, Џон Бараник, се согласува, забележувајќи дека „се поставува временскиот модел за враќање на арктичкиот воздух прво во источните делови на САД следниот викенд, во временскиот период од приближно 6 до 9 февруари, а потоа во централните делови на САД, следната недела“.
– Ќе го следиме и потенцијалот за голема бура што ќе го направи тоа, така што зимата сè уште не е завршена – рече тој во онлајн прогнозата.
Метеорологот Џона Инфанти од Центарот за предвидување на климата на НОАА во е-пошта до „Ју-ес-еј тудеј“ вели дека прогнозите за почетокот до средината на февруари фаворизираат температури под нормалата во поголемиот дел од Истокот.
Оваа зима е една од најстудените во САД, со температури што во некои делови се симнаа и под минус 30 Целзиусови степени. Според „Си-би-ес“, најмалку 87 луѓе загинале досега, а десетици илјади домови останале без струја.











