Унгарија размислува да го прекине извозот на електрична енергија и гас во Украина ако Киев продолжи да не испорачува нафта за Будимпешта преку нафтоводот „Дружба“, изјави на денешниот брифинг шефот на кабинет на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гуљас.
Тој посочи и дека владата на Унгарија на барање на рафинеријата МОЛ отстапи стратешки нафтени резерви.
Унгарија и Словачка се единствените земји членки на Европската Унија чии рафинерии користат руска нафта доставена преку нафтоводот „Дружба“. Но, испораката на нафта беше прекината на 27 јануари откога Украина извести дека нафтоводот е оштетен при руски напад со дронови.
И владата на Словачка вчера одобри заем од 250.000 тони од државните нафтени резерви.
Унгарија и Словачка ја обвинуваат Украина дека ја пролонгира испораката на нафта поради политички причини и вчера најавија стопирање на извозот на дизел во Киев.
Гуљас посочи дека Унгарија и Словачка ги координираат евентуалните мерки против Украина.
– Ќе има и понатамошни противмерки ако владата на Украина не ја смени својата одлука и продолжи да ја стопира испораката на нафта преку „Дружба“ – посочи Гуљас.
Тој ги повтори обвинувањата дека Украина се обидува да влијае врз парламентарните изборите во Унгарија, што се закажани на 12 април.
Унгарија и Словачка учествуваа со 68 отсто во увозот на електрична енергија во Украина овој месец, според податоците од консултантската компанија „Експро“ (ExPro) со седиште во Киев. Унгарија, исто така учествува со речиси една третина од тековниот увоз на гас во Украина, според податоците на украинскиот операторот за транзит на гас.












