Можноста за воведување на францускиот јазик како слободен изборен предмет за учениците од петто одделение во основните училишта во Општина Аеродром била една од темите по која се развила конструктивна дискусија и се размениле идеи на денешниот состанокот во Општината, на кој присуствувале директорот на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер, аташето за лингвистика во Институтот, Љупка Димова, советничката во Бирото за развој на образованието, Кети Димковска, раководителот на Секторот за образование, Велимир Делетиќ, директорите на училиштата во општина Аеродром и професори по француски јазик.
–Изучувањето на странски јазици е важен дел од образованието, бидејќи им овозможува на младите да ги прошират своите знаења, да се запознаат со различни култури и да создадат нови можности за својата иднина – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека со внимание ја разгледуваат оваа иницијатива и остануваат посветени на создавање услови за поквалитетно и побогато образование за нашите ученици.












