Македонската ракометна репрезентација ја очекуваат двата најважни натпревара во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026 година. „Црвено- жолтите“ мора да победат на двата натпревара, прво на 8 мај, на гости кај Естонија и три дена подоцна, на домашен терен, против Литванија, за да се пласираат на континенталниот собир во Шведска, Данска и во Норвешка.
Сепак, не зависи сè само од избраниците на Кирил Лазаров, бидејќи Литванија е второпласирана со 6 бода, а пред да игра со Македонија, дома ќе игра со Словенија, која веќе е пласирана на шампионатот со 8 бода и која ќе допатува на ова гостување дури со третиот состав.
Затоа се поставува прашањето какви шанси има Македонија да се пласира на шампионатот во пресрет на последните две кола.
Првиот фактор се дуелите од петтото коло, во кое Македонија ќе гостува во Талин, а во Вилнус ќе дојде Словенија. Ако победат Словенија и Македонија, тогаш во Скопје, на 11 мај, со победа од три гола разлика над Литванија, македонскиот тим ќе го освои второто место и ќе патува на ЕП.
Ако Литванците освојат бод или победат против Словенија, тогаш и мечот меѓу Македонија и Естонија нема да има значење. Македонија ќе мора да ја совлада Литванија за да се пласира на третото место и ќе бара пласман на ЕП, како една од четирите (од вкупно осум) третопласирани репрезентации што ќе одат на ЕП.
Според регулативите на Европската ракометна федерација (ЕХФ), на табелите за најдобротретопласираната екипа се пресметуваат само резултатите со прво и од второпласираната екипа во групата, и тоа по следниве критериуми: бодови, гол- разлика, поголем број постигнати голови и ждрепка.
На две кола до крајот, ако нема поголеми изненадувања, Македонија и како третопласирана би одела на ЕП 2026. Само две третопласирани реално котираат подобро од Македонија во моментов, тоа се третопласираната екипа од групата, во која се Србија и Италија и групата во која се Холандија и Украина, кандидатите за третото место.