Нов, четврти по ред, услов за целосно признавање на целосната автокефалност би можела да добие МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија, по најавата за заедничка служба на нашата Црква и на Православната црква на Америка. Вакво е можното случување по вчерашната објава дека ПЦА ја признава автокефалност на Македонската црква врз основа на томосот што го добивме од Српската православна црква. Причината за натамошното комплицирање на заокружувањето на нашата автокефалност треба да се бара во односот на Вселенската патријаршија кон ПЦА, која еднострано е прогласена за автокефална од страна на Руската православна црква во 1970 година. Црковен Цариград остро се спротивставува на ваквиот потег на црковна Москва, сметајќи дека само тие може да го издадат конечниот томос за нечија црковна самостојност. Вселенскиот патријарх, Вартоломеј, досега неколкупати одбиваше да го дозволи учеството на американските поглавари на заедничките служби на православните поглавари по повод значајни годишнини од историјата на христијанството. Од друга страна, од редовите на ПЦА, која блокот на хеленски православни цркви сè уште ја смета за дел од Руската православна црква, во изминативе години имаше и отворени напади врз вселенскиот патријарх.
Ова укажува дека најавената заедничка служба меѓу македонскиот архиепископ, Стефан, и американскиот митрополит, Тихон, наскоро во Вашингтон, нема да биде поздравено од Вселенската патријаршија. Тоа доаѓа во многу деликатен период, кога односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија се практично замрзнати поради барањата што ги има црковен Цариград кон нашата Црква за да ѝ издаде томос за автокефалност. По историската одлука со која во мај 2022 година ВП ѝ го призна канонскиот статус на МПЦ-ОА и одлуката на СПЦ да ни даде свој томос за автокефалност, на виделина излегоа проблемите околу конкретните услови што требаше да ги исполни нашата Црква за да ѝ биде признаена целосната автокефалност од Цариград. Минатата година, архиепископот Стефан првпат јавно кажа дека Вселенската патријаршија поставила три неприфатливи услови за да ни ја признае црковната самостојност: откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Православната црква на Украина. Третиот услов за признавање на Православната црква на Украина, која доби автокефалност од ВП, беше поставен откако пред две години нашата Црква донесе став да не сослужува со неа додека не биде признаена од сите други православни цркви. Барањето е МПЦ-ОА да почне да сослужува со украинските црковни достоинственици. Но, не се прифаќа тоа од наша страна, поради што се случи прекин во преговорите.
Но, во МПЦ-ОА се надеваат дека нема да има влошување на комуникацијата и односите со Вселенската патријаршија. Црковните извори во Синодот соопштуваат за ВЕЧЕР дека многу работи ќе бидат појасни откако ќе се одржи заедничка служба во Вашингтон.
– Тоа треба да се одржи во блиска иднина, околу тоа во комуникација се кабинетите на поглаварите. Чинот на сослужување ќе значи дека од наша страна се признава канонскиот статус на ПЦА, нејзиното постоење како црква. Но, одлуката дали ќе ѝ го признаеме автокефалниот статус ќе биде донесена по тоа, по информирањето на нашиот Синод, кој ќе се произнесе околу тоа. Тогаш и ќе се прецизираат финесите во нашите меѓусебни односи. Инаку, од наша страна не беше побарано посредување на српскиот патријарх, Порфириј – ни изјавија нашите извори од Синодот.
Таму се надеваат дека реакцијата на Вселенската патријаршија нема да биде остра и нема да предизвика поставување нов услов за наше добивање томос од Цариград.
– Сега не би можеле да коментираме околу ова и неблагодарно е да се шпекулира. Сите работи ќе бидат разјаснети по службата во Вашингтон. Тогаш и ќе се знае ставот на Вселенската патријаршија, а и ние ќе ги градиме нашите позиции. Инаку, минатата година претставници на ПЦА беа примени во Вселенската патријаршија и имаа средба со вселенскиот патријарх. Таа средба, според соопштението, била срдечна и конструктивна. Освен ова, претставниците на ПЦА членуваат во Советот на православни епископи на САД, во кој е и Вселенската патријаршија. Значи, односите и комуникацијата меѓу нив постојат и тоа е индикативно – наведуваат нашите извори од синодските редови.
Инаку, македонскиот Синод сега е во период на летен одмор и не заседава. Тоа значи дека е неизвесно дали и на кој начин се одржува комуникацијата со Вселенската патријаршија. Последен пат, лани во април, во посета на Македонија беше митрополитот на Имврос, Кирил од Вселенската патријаршија, кој во едно интервју ги објасни нивните позиции во однос на нашата Црква. На прашањето дали има и кој е главен услов за МПЦ-ОА да добие томос од Вселенската патријаршија, тој одговори:
– Мислам дека треба да тргнеме од прашањето за признавање и сослужение со Украинската црква. Да се признае петнаесеттата црква за да продолжиме кон шеснаесеттата – вели митрополитот од Имврос, Кирил.
Инаку, Православната црква на Америка само во регистарот на Руската православна црква се води како петнаесетта црква. (Б. Ѓ.)