Од 15 октомври официјално почнува грејната сезона 2025/2026 година за сите потрошувачи приклучени на системот за централно греење во Градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Преку системот се греат околу 66.000 активни потрошувачи, од кои 65.000 домаќинства и над 1.000 деловни потрошувачи, во кои се вклучени болници, здравствени домови, средни и основни училишта и детски градинки.
Од АД ЕСМ информираат и дека се можни незначителни редукции во испораката на топлинска енергија во периодот од 15 до 17 октомври.
– Систем-операторот за пренос на гас НОМАГАС најави дека оваа година, поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“, се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава. Очекуваме расположливите количини на гас во преносниот систем да бидат доволни за обезбедување квалитетна испорака на топлинска енергија, согласно со надворешните температурни услови. Сепак, доколку во преносниот гасоводен систем со кој управува НОМАГАС не се обезбедат соодветни количини, можни се незначителни редукции во испораката на топлинска енергија, кои нема значително да влијаат на комфорот на потрошувачите, и тоа само во периодот од 15 до 17 октомври – велат од АД ЕСМ.
Според правилата, во октомври и во првата половина од ноември, кога често се менуваат временските услови, снабдувањето со топлинска енергија зависи од температурата на воздухот и од атмосферските услови во различни периоди од денот, односно кога се пониски температурите, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува.
– Кога ќе достигнат надворешните дневни температури одредени гранични вредности, испораката на топлинска енергија се прекинува, односно системот се исклучува. Веднаш по падот на температурите под утврдените гранични вредности, централното греење повторно се вклучува. Со ваквиот начин на регулирана испорака се обезбедуваат оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на потрошувачите – објаснуваат од АД ЕСМ.
Потребно е потрошувачите и заедниците на сопственици да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкраток можен рок, да им овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).
–Во деловите од градот каде што се врши санација на дефектите на топлификациската мрежа, навремено се објавува на веб-страницата ЕСМ Снабдување. Пред да пријават дефект или рекламација, важно за потрошувачите е да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот со моментално затворени објекти, кои во моментов немаат услови за испорака на топлинска енергија. Листата е достапна на следниов линк: Затворени објекти – ЕСМ Снабдување. За дополнителни информации, пријави на дефекти или известување за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат до ЕСМ Снабдување – во Центарот за грижа на потрошувачи, на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика, на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872.
(С.Бл.)