Превозните трговски друштва во Македонија имаат можност да остварат поврат на дел од средствата уплатени за патна такса при регистрација на возилата, информираат од асоцијацијата „Макамтранс“. Право на поврат имаат сите компании кои регистрирале возила во земјава, а кои не ги користеле редовно државните патишта во текот на годината, односно возилата најголем дел од времето биле вклучени во меѓународен превоз и сообраќале надвор од Македонија.

Според информациите, дел од превозниците успеваат да остварат поврат од 30 до 40 проценти од средствата што ги уплатиле за патна такса. Поднесувањето на документацијата во најкраток можен рок овозможува побрза обработка и исплата на средствата.

Изработката на пресметките и подготовката на барањата за поврат може да се врши преку канцелариите на асоцијацијата „Макамтранс“ во Скопје и во Битола, како дел од услугите што ги нуди здружението.

За поднесување барање, потребно е да се достават копии од сообраќајните дозволи со важечка регистрација, банкарски изводи како доказ за извршена уплата кон Јавното претпријатие за државни патишта, како и копии од ЦМР-документите за 2025 година, со кои се потврдува дека возилата не престојувале во државата.

ЦМР-документите мора да бидат подредени хронолошки, од 1 јануари до 31 декември 2025 година, одделно за секое возило и задолжително да содржат датуми на товарење и на истоварање, како и печати од испраќачот и од примачот на стоката. Дополнително, од Јавното претпријатие за државни патишта било посочено дека е потребно да се достават и неколку оригинални ЦМР, со цел поверодостојно докажување на извршениот превоз.

 

 

ИЗДВОЕНИ