Мис Италија 2025 ја освои Катја Букикио, девојка која носи протези, што се случи за прв пат во историјата на натпреварот, потврдувајќи го триумфот на природната убавина и победата над естетските предрасуди, објавија денес италијанските медиуми.
Победничката на вчерашниот натпревар за титулата најубава Италијанка ја покажа својата насмевка со протези, а го плени жирито не само со својот шарм, туку и со својата спонтаност, објави Кориере дела Сера.
Нејзината победа го покрена и прашањето за естетските предрасуди и преиспитувањето на стереотипите за убавина според кои носењето протези се поврзува со адолесценцијата и антиестетско искуство.
„Тоа е нешто што е привремено, не ме мачи и никогаш не ми претставувало проблем. Среќна сум што имам таква насмевка, ме прави единствена“, рече победничката.
Нејзините зборови одразуваат самоуверен и позитивен став што ги предизвикува стереотипите за совршенство што ги промовираат социјалните мрежи.
„Социјалните медиуми шират слика за убавина и совршенство која е толку стандардизирана што оваа, инаку сосема нормална одлука некој да носи протези, нè изненади на некој начин“, рече Франческо Каиро, претседател на Италијанското друштво за пародонтологија и имплантологија.
Според него, сликата на овогодинешната Мис Италија ги скрши консолидираните табуа, покажувајќи дека каноните на класичната убавина не се совпаѓаат со совршенството.
Како што заклучи Каиро, милиони млади луѓе во Италија носат стоматолошки коректорски уреди, не само за да ја направат својата насмевка поубава, туку и од функционални причини.
Победата на Катја на тој начин стана симбол на промена и повик за славење на природноста и надминување на естетските предрасуди, а во исто време донесе важна порака дека убавината е содржана и во спонтаноста и самодовербата, според италијанскиот весник.