Американскиот претседател Доналд Трамп не сакаше да открие дали донел одлука да нареди напад на САД врз Иран, потег кој Техеран повторно предупреди дека ќе наиде на жесток одговор, пишува Асошиејтед прес.
„Можеби ќе го направам тоа, можеби нема“, изјави Трамп во разговор со новинари во Белата куќа. „Мислам, никој не знае што ќе направам“, додаде тој.
Сепак, Трамп рече дека „не е доцна“ Иран да се откаже од својата нуклеарна програма, додека продолжува да размислува за директна американска интервенција во операциите на Израел насочени кон уништување на иранскиот нуклеарен потенцијал.
„Никогаш не е доцна. Можам да ви кажам само едно, Иран има големи проблеми“, рече Трамп.
„Ништо не е завршено додека не е завршено. Но следната недела ќе биде многу голема, можеби и помалку од една недела“, додаде тој.
Во одговор на одбивањето на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, да се потчини на неговиот повик за безусловна капитулација, Трамп кусо изјави: „Му посакувам среќа“.
Хаменеи, пак, порача дека секој американски напад врз Исламската Република ќе „предизвика непоправлива штета за нив“, додавајќи дека неговата земја нема да се покори на барањата на Трамп.
Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во средата информираше пред законодавците дека Пентагон му доставува можни опции на Трамп додека тој ја разгледува следната фаза во односите со Иран.
Трамп во вторникот изјави дека САД знаат каде се крие Хаменеи, но дека „засега“ не сакаат да го ликвидираат.
„Тој е лесна цел, но е безбеден таму – нема да го елиминираме (убиеме!), барем не за сега“, рече Трамп.
Овие сѐ поагресивни изјави кон иранската влада следат откако Трамп ги повика 9,5 милиони жители на Техеран да се евакуираат од градот, при што го прекина учеството на меѓународен самит за да се врати во Вашингтон на итни состаноци со својот тим за национална безбедност.
Тој изјави дека иранските власти продолжуваат да стапуваат во контакт со Белата куќа бидејќи „Израел им го искрши животот“. Но, додаде дека има „огромна разлика меѓу сега и пред една недела“ во ставовите на Техеран.
„Тие предложија да дојдат во Белата куќа, тоа е, знаете, храбро“, изјави Трамп.
Мисијата на Иран во Обединетите нации ја негираше оваа изјава на Трамп преку објава на социјалните мрежи: „Ниту еден ирански официјален претставник никогаш не побарал да моли пред вратите на Белата куќа. Единственото поневистинито од неговите лаги е неговата кукавичка закана да го ‘отстрани’ врховниот лидер на Иран“.
Претходно оваа недела, Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се понудил да биде посредник со Иран, но тој му одговорил да се фокусира на сопствената војна со Украина.
„Му реков: ‘Направи ми услуга, посредувај си во својата војна’“, изјави Трамп. „Му реков: ‘Владимир, да ја средиме Русија прво. За ова може и подоцна’“.
Ова е промена во ставот на Трамп, кој претходно неделава изјави дека е „отворен“ за понудата на Путин за посредување.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во средата изјави дека Москва го предупредила Вашингтон да не нуди воена поддршка за Израел.
„Го предупредуваме Вашингтон да не размислува, дури ни хипотетички, за такви опции“, рече Рјабков, според агенцијата Интерфакс. „Тоа би било потег што драстично ќе ја дестабилизира целата ситуација“, додаде тој.
Односите меѓу Русија и Иран се продлабочија откако Путин ја започна војната во Украина во февруари 2022 година, при што Техеран ѝ обезбедува на Москва дронови, балистички ракети и друга поддршка, според американски разузнавачки податоци.
Трамп исто така се соочува со скепса за можна американска интервенција во Блискиот Исток, дури и од своите најголеми поддржувачи. За време на својата кампања за претседателските избори во 2024 година, тој им вети на гласачите дека брзо ќе стави крај на војните во Украина и Газа и ќе го држи САД надвор од скапи конфликти.
Стив Бенон, поранешен висок советник на Трамп, во средата изјави дека администрацијата мора да биде внимателна.
„Ова е една од најстарите цивилизации во светот, во ред? Со 92 милиони луѓе. Ова не е нешто со кое си играш. Мора сериозно да се размисли. Американскиот народ мора да биде вклучен. Не можеш само да им го нафрлиш тоа“, рече Бенон на настан организиран од Кристиан сајенс монитор (Christian Science Monitor).
Бенон и други сојузници на Трамп, вклучувајќи го Чарли Керк од Турнинг поинт САД (Turning Point USA) и конзервативниот коментатор Такер Карлсон, изразија загриженост дека директно американско вклучување во конфликтот може да се смета за предавство кај дел од поддржувачите на Трамп и да предизвика раскол во МАГА движењето.
Сепак, дел од поддржувачите на Трамп ја поддржуваат евентуалната воена интервенција против Иран и го минимизираат ризикот од американска вмешаност во конфликтот.
„Во однос на американско вклучување во воена акција, постои нулта можност за американски копнени трупи во Иран“, изјави сенаторот Тед Круз од Тексас.
Трамп, пак, ја отфрли идејата дека ваквите потези би ја загрозиле неговата поддршка кај гласачите.
„Моите поддржувачи ме сакаат повеќе денес, и јас нив повеќе отколку што беше случај на денот на изборите кога имавме апсолутна победа“, рече тој.