
Ламине Јамал стана голема ѕвезда и тоа „преку ноќ“. Тој се истакнува откако играше за првиот тим на Барса на 16 години, а минатиот викенд наполни 18 години. Има повеќегодишен договор со Барса и важи за клучен играч, со многу реални очекувања да биде избран за најдобар фудбалер во светот и тоа за брзо време.
Јамал од многумина се смета за најдобар веќе, има многумина кои веруваат дека ќе ги надмине дури и Кристијано Роналдо и Лионел Меси, иако понекогаш неговото однесување надвор од теренот оправдано предизвикува сомнеж и загриженост.
„Мислам дека тајната лежи пред сè во пристапот. Сакаме да развиеме мажи пред фудбалери; сакаме да ги научиме децата на принципите и да им дадеме пример. Веќе знаеме, а и тие знаат, дека повеќето од нив имаат техника и талент за да го достигнат врвот, но честопати тоа не е доволно“, изјави поранешниот тренер на Јамал, Оскар Лопез, за Tuttomercatoweb и додаде:
„Мислам дека талентот е вроден кај секој играч, а нашата цел е да го негуваме преку напорна работа. Секако, не сите играчи го имаат талентот на Ламин, но со напорна работа, другите можат да го следат неговиот пример.“
Лопез работеше со голем број талентирани играчи во младинскиот систем на Барселона.
„Особено пред две години, имав многу млади играчи кои подоцна се преселија во првиот тим. Меѓу нив, еден што особено ме импресионираше беше Марк Касадо. Тој е човек кој мораше да работи напорно, година по година, за да го постигне тоа.
Неговиот менталитет е можеби неговата најголема сила бидејќи успеа да се подобрува година по година и конечно ја постигна својата цел. Марк дефинитивно е еден од најпрофесионалните играчи што сум ги имал. Ламин е поинаков случај. Веќе на 13 или 14 години, можеше да се види како расте со застрашувачка брзина, за разлика од кој било друг.“
Не е случајно што има само 18 години, а веќе се зборува за „Златната топка“
„Можеби не оваа година, но дефинитивно ќе успее во иднина бидејќи е различен од сите други. Сега е важно да го заштитиме и да го водиме во свет во кој може да биде многу тешко психолошки да се снајде на 18 години…“
„Ламин е дете кое на 18 години има можност да се поврзе со толку многу луѓе ширум светот, па затоа е лесно да се изгуби. Во овој контекст, учењата на неговото семејство кое го води и неговиот тренер Ханси Флик стануваат клучни. Играч со толку огромен талент можеби нема да може да издржи 2-3 години со таков притисок и сите овие работи. Важно е да го зачуваме“.
Лопез беше прашан и дали е подготвен да го носи дресот со број 10 во Барселона?
„Сигурен сум дека бројот 10 нема да биде товар; тоа ќе биде само уште еден број за него. Мислам дека навивачите веројатно ќе го сметаат за поважен за разлка од Ламине.“
Јамал минатата сезона одигра 55 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи 18 гола и 25 асистенции, а со просечна оценка од 8,2 беше клучна фигура во тимот на Ханси Флик кој ја освои двојната круна.
Во 2024 година, тој беше избран за најдобар млад играч во светот, а со Шпанија го освои Европското првенство истата година. Тој е шести играч во светот по број на одиграни минути – 2.330 – и има највисока пазарна вредност – 200 милиони евра според Transfermarkt. Неговиот договор со Барса е до летото 2031 година.