Од септември, најверојатно, ќе има линеарно зголемување на пензиите за 1.000 денари, а во март за 2.000 денари, најави премиерот Христијан Мицкоски. Пресметките покажуваат дека доколку се применеше процентуално зголемување, пензионерите со најниска пензија ќе добиеја зголемување малку повеќе од 700 денари, што значи дека разликата е околу 200 до 300 денари помалку. Дел од пензионерите кои деновиве протестираа и бараа линеарно зголемување на пензиите сметаат дека 1.000 денари се малку за да ги покријат зголемените трошоци за храна, лекови, комуналии… Пензионери со повисоки пензии, пак, изразуваат незадоволство од линеарниот пристап, со аргумент дека зголемувањето не е праведно за сите категории и дека системското, процентуално усогласување би било покоректно.
– Ова што сега се случува, сериозно повикува на темелни реформи во пензискиот систем. Ова е ад хок решение и Владата треба посериозно да се зафати со креирање на соодветна правна рамка, а не само со носење на вакви мерки. На овој начин се нарушува пензискиот систем и се оди надвор од принципите за зголемување на пензиите кое зависи од должината на работниот стаж и од вложениот придонес. Не може на некој што во текот на својот работен век извојувал подолго и поголеми придонеси, сега зголемувањето на пензиите да му биде исто. Пензијата не е социјална, туку економска категорија, велат извори од Сојуз на здруженијата на пензионерите, за весникот ВЕЧЕР.
Упатените во состојбата со пензискиот систем велат дека линеарното зголемување на пензиите е контрадикторно, бидејќи огромната дупка во пензискиот систем за која се зборува наголемо, уште повеќе ќе се продлабочи.
Инаку, од септември, пензионерите секако ќе добиеја зголемување со редовното усогласување кое, во зависност од порастот на платите и трошоците за живот би било околу 4 отсто, ќе изнесува околу 700 денари за најниската пензија од 18.000 денари. Додека, пак, оние кои примаат највисоки пензии од 70.000 денари зголемувањето ќе им биде 2.800 денари.
Пензионерите кои земаат ниски пензии, пак, реагираат дека зголемувањето од 1.000 денари е симболично и недоволно со оглед на зголемените трошоци за храна, лекови, сметки…
– Со процентуалното зголемување на пензиите само се продлабочува нееднаквоста меѓу пензионерите, богатите стануваат уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Ние со минимални пензии едвај преживуваме со оглед на тоа што сè е поскапено. Мојата пензија е 18.000 денари и не ми стигнува само храна, а каде се лековите, сметките… вели една пензионерка.
Заменик-министерот за труд, социјална политика и млади, Ѓоко Велковски, неодамна изјави дека промените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување не можат да бидат ад-хок решение.
– Она што го направивме во првите девет месеци со линеарното покачувањето од пет илјади денари, беше со цел да се подобри состојбата на сите пензионери. Треба да се промени еден цел систем, бидејќи во моментот, односот вработени – пензионери веќе не е 2:1, туку е 1:1,5, па дури ни толку. Не можеме да си играме со пензискиот систем, рече Велковски.
Тој рече дека е формирано владино тело од стручни лица кои работат токму на промените во пензискиот систем.
– Не може ден за ден да се решава, не можеме сега, во јули, набрзина да донесеме одлука што да се прави во септември, па да направиме штета на голем дел од вас. Сепак, односот помеѓу најниската и највисоката пензија веќе не 1:7, туку е 1:4 откако го реализиравме претходно ветеното линеарно покачување од 5.000 денари, додаде Велковски.
Еден од предлозите за зголемување на пензиите во иднина, кој Владата ќе го земе предвид е скалесто покачување на пензиите, односно повисоките пензии да бидат зголемени со помал, а пониските со поголем процент.
Премиерот Мицкоски рече дека сè уште не е одлучено, но се прават анализи за линеарно зголемување на пензиите од 1.000 денари наесен и исто толку наредната пролет.
– Правиме анализа линеарно да се зголемат пензиите по 1.000 денари сега, на есен, во октомври, кога ќе ја земат пензијата, и во април, практично за март, 2.000 да има линеарно зголемување за сите пензионери во рамките на следните шест месеци. Сериозно сме во таа анализа и многу скоро од денеска, бидејќи тоа мора да се случи пред распишување на изборите, дали преку закон со скратена постапка или преку група пратеници, ќе го поднесеме, изјави Мицкоски.
Како што рече, тоа е барање на пензионерите кои на сите средби што ги имал со нив сакаат линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите.
– Многу сме блиску до носење на таква одлука. Сериозно сме ангажирани во таа анализа, правиме проценка колкаво би било зголемувањето, колкав би бил волуменот на парична маса да го поделиме со бројот на пензионери, додаде премиерот.
Сепак, економските експерти велат дека повисоките пензии се секогаш дел од ветувањата на партиите пред избори, но треба да се внимава да не го оптоварат буџетот и да го зголемат јавниот долг. Според нив, линеарното зголемување на пензиите пред избори не може да се сфати никако поинаку освен како дел од предизборна кампања.
(А.С.)