Може ли и Македонија да го следи примерот на Србија и да го зголеми минималецот? 

Минималната плата долго време е предмет на дискусија меѓу работодавците, синдикатите и Владата. Се поставува прашањето дали на наредната седница на Економско-социјалниот совет, која ќе се одржи до крајот на месецов, ќе се најде решени и за минималецот. Ставот на Владата е јасен: ќе има раст на минималецот ако се договорат работодавците и синдикатите за тоа. Работодавците сметаат дека не треба да се гледа минималната плата како номинален износ и не треба да се споредува со други земји, бидејќи во различни земји платите различно вредат.  Од Сојузот на синдикатите сметаат дека треба да се зголеми минималецот, бидејќи македонските работници земаат најниски плати во регионот и во Европа. Се поставува прашањето може ли и Македонија да го следи примерот на Србија и да го зголеми минималецот

945

Во Србија, минималната плата се зголеми на 500 евра, сега на ред е Македонија. Инаку, на наредната седница на Економско-социјалниот совет, која треба да се одржи до крајот на месецов, на маса, покрај мерките за стопирање на порастот на цените, треба да се најде и минималната плата, како и владината потрошувачка кошничка, која требаше да биде јавно презентирана пролетва. Од Владата остануваат на ставот дека се отворени за преговори за зголемување на минималната плата, но оставаат да се договорат работодавците и синдикатите за тоа. Работодавците сметаат дека не треба да се гледа минималната плата како номинален износ и не треба да се споредува со други земји, бидејќи во различни земји платите различно вредат. Од Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, не отстапуваат од заложбата за зголемување на минималецот, кој е најмал во регионот и во Европа.

– Минималната плата не треба да се гледа како номинален износ и да се споредува со други земји. За да може реално да се спореди минималната плата, треба да се спореди учеството на минималната во просечната плата во однос на растот на продуктивноста и растот на БДП по жител. На тој начин ќе добиеме многу пореална слика за тоа дали нивото на минимална плата во една држава е високо или ниско. Инаку, во Македонија, гледаме дека имаме постојан пораст на просечната плата, што значи желбата за повисоки плати не треба да се сведе само на пораст на минималната плата. За нас се важни и работниците со повисоки плати, кои имаат поголем придонес во работата на компанијата отколку оние со минимална плата – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Од Сојузот на синдикатите сметаат дека треба да се зголеми минималецот, бидејќи македонските работници земаат најниски плати на Балканот и во Европа.

– За жал, наместо да бидеме меѓу првите земји што ќе ја зголемат минималната плата, ние сме последната земја што остана на дното во регионот и во Европа по висината на минималната плата. Минималната плата во Црна Гора изнесува од 600 до 800 евра, во Босна и Херцеговина – 600 евра, а од октомври и Србија ќе ја зголеми на 500 евра. Работниците веќе си го поставуваат прашањето во чиј интерес е минималната плата во Македонија да биде најниска и да изнесува помалку од 400 евра и да биде за 100 и повеќе евра пониска од оние во регионот. На овој начин свесно се поттикнува егзодусот на работната сила од Македонија – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој додаде дека остануваат на барањето за 500 евра минимална плата и се надева дека на наредната седница на ЕСС ќе се донесе одлука да се зголеми минималецот кај нас. Ова го поткрепуваат со фактот дека растот на цените во земјава не стивнува. Статистика измери дека годишната инфлација во јуни била 4,5 проценти. Растеле сите цени, особено на храната. Па така, во јуни во однос на јуни лани тие биле повисоки за 6,3 отсто.

Да потсетиме само дека Србија двапати ќе ја зголеми минималната плата, и тоа од 1 октомври 2025 година таа ќе биде повисока за 9,4 проценти и ќе изнесува 500 евра, а за од 1 јануари 2026 година најавено е ново нејзино зголемување на 550 евра. Со вонредното зголемување на минималната плата оваа година и со редовното зголемување од 1 јануари следната година, кумулативниот раст ќе биде 20,4 проценти.

Српскиот министер за финансии, Синиша Мали, напомена дека целта на Владата на Србија е најниската плата од 1 јануари 2028 година да биде 650 евра, а министерка за труд, Милица Ѓурѓевиќ, рече дека одлуката за вонредното зголемување на цената на трудот е резултат на социјалниот дијалог во Србија и дека е донесена едногласно. Инаку, во Србија, околу 90.000 работници во моментов земаат минимална плата.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ