Може ли да се врати производот ако сте ја загубиле фискалната сметка?

Потрошувачите се соочуваат со многу дилеми, но кога е Законот за заштита на потрошувачите на нивна страна? Од ОПМ појаснуваат дека во случај кога потрошувачот ја загубил фискалната сметка и се обратил до УЈП да му даде дупликат, но не било можно тоа поради избришана меморија, дека не постои друг начин да се изврши замена или враќање на производот. Скенираната сметка не е доказ и трговецот не е должен да го замени или да го врати производот. Тања Тасевска за весникот ВЕЧЕР вели дека потрошувачот мора да има доказ за купување, најчесто тоа е фискална сметка, но може да биде и извод од банка или сметка, што може да докаже дека тој го купил производот во таа продавница

1239

Како да го вратите производот ако сте ја загубиле фискалната сметка? Многу граѓани што се соочуваат со овој проблем не знаат дали може да им издадат дупликат фискална сметка и каде да се обратат. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија појаснуваат дека во Законот за заштита на потрошувачите нема конкретна одредба која им наложува на продавачите да издадат дупликат фискална сметка на лицето што ја загубило фискалната. Оттаму појаснуваат дека лицето може да се обрати до Управата за јавни приходи и да побара да му издадат копија од фискалната сметка од продавницата од каде што е купен производот.

– Производот не може да се врати или да се рекламира доколку немате фискална сметка или фактура како доказ. Доколку е загубена фискалната сметка, тогаш потрошувачот може да побара од Управата за јавни приходи да му издаде копија. Ако е платено со картичка, тогаш купувачот може да побара извод од банката, кој ќе послужи како доказ од каде и по која цена е купен производот. Доколку купувачот нема фискална или фактура, тогаш сè е оставено на добрата волја на продавачот. Тој може да го замени или да го врати производот доколку сака, но Законот за заштита на потрошувачите не го обврзува на тоа – изјави Тања Тасевска од Организацијата на потрошувачи на Македонија за весникот ВЕЧЕР.

Во случај кога потрошувачот ја загубил фискалната сметка и се обратил до УЈП да му даде дупликат, но не било можно тоа поради избришана меморија, од ОПМ велат дека не постои друг начин како може да се изврши замена или враќање на производот. Скенираната сметка не е доказ и трговецот не е должен да го замени или да го врати производот.

Се обративме и до УЈП, оттаму ни појаснија дека доколку е избришана меморијата, даночниот обврзник може, ако сака, да ја врати меморијата со сервисерот и да се овозможи издавање дупликат фискална сметка. Но, трговецот не е обврзан на тоа и може да го направи само доколку сака.

Од ОПМ велат дека потрошувачот мора да има доказ за купување, најчесто тоа е фискална сметка, но може да биде и извод од банка или сметка, што може да докаже дека тој го купил производот во таа продавница.

– Доколку има производот некој недостаток, тогаш тој може да се врати во рок од шест месеци. Ако се работи, пак, за производи што имаат гаранција, тогаш тие може да се вратат или да се заменат во период од две, три или пет години, односно во оној период додека трае гаранцијата. Исто така, производите, ако немаат некој недостаток, може да се вратат само ако ја имаат оригиналната етикета и ако не се перени. Во спротивно, трговецот нема законска обврска да ги врати или да ги замени – појаснува Тасевска.

Таа додава дека доколку се работи за механичко оштетување направено од купувачот, односно ако е скинат, изгребан, закачен… производот, трговецот нема обврска за враќање и за замена. Додека, пак, во случај на неквалитет, потрошувачот има право на замена и тогаш може да се обрати до Државниот пазарен инспекторат.

Кога купувате некој производ, може да го вратите и да ги замениме само ако ја чувате фискалната сметка. Но, доколку често купувате во некои локални бутици или продавници и ако продавачот не ви даде фискална сметка, мора да ви го замени или врати производот бидејќи тоа е негова обврска, велат од институциите.

Доколку сте платиле со картичка или сте платиле преку Интернет, трговецот е должен да го прифати тоа како доказ за купување, но ако е во ред купената стока, дури и ваквиот доказ не го обврзува трговецот да направи замена.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ