Афионот се враќа на нивите, може ли да предизвика ренесанса во македонскиот аграр?

Афионот се враќа на македонските ниви. Последниве години, има голем интерес за садење и за откуп. Земјоделците се надеваат дека одгледувањето афион ќе стане атрактивно за младите со тоа што се појавија повеќе фирми што нудат гарантиран откуп, што беше голем проблем во минатото. Освен тоа, почна да му се зголемува цената, што е добар показател дека оваа индустриска култура може да доживее ренесанса и да го зголеми девизниот прилив во македонскиот аграр

784

Може ли Македонија да го врати приматот што го имаше во поранешна Југославија, во производство на афион? Оваа индустриска култура, која порано се одгледуваше на големи површини и носеше големи приходи како за земјоделците така и за државата, беше маргинализирана. Откако се донесе законот со кој се ограничи неговото производство, површините под афион значително се намалија, немаше откуп, а се намали и откупната цена. Но, последниве години, афионот полека почна да се враќа на македонските ниви поради големиот интерес за откуп од страна на домашните и на странските откупувачи. Пред една година, една домашна фирма, во соработка со фирма од Чешка што 30 години се занимава со производство, преработка и со пласман на афионот, почна да го откупува домашниот афион.

Земјоделците што одгледуваат афион велат дека кај договорното производство, откупот е гарантиран, процесот е целосно механизиран од сеидба до жетва, а откупувачот обезбедува сертифицирано семе, кое се наоѓа на листата на признати сорти на ЕУ. Покрај тоа што добиваат земјоделците сертифициран семенски материјал, имаат и стручна помош во текот на производството, од страна на агрономи, кои се специјализирани за одгледување афион. Откупувачот им ја исплаќа гарантираната минимална откупна цена на семето по предавањето на родот, во висина од 90.000 денари за еден тон. Оваа цена може да се зголеми доколку се зголеми пазарната цена.

– Производството на афион не беше забрането, туку беше контролирано со закон. Поради намалувањето на наседените површини, падна и откупната цена, која моментално изнесува две евра за килограм. За да имаме поголемо производство и за да има интерес од младите за садење на оваа култура, потребно е откупната цена да биде најмалку пет евра за килограм. Инаку, македонскиот афион беше препознаен во светот како најквалитетен афион, бидејќи имаме идеални услови за негово производство, но поради ниските откупни цени, земјоделците одамна се откажаа од одгледувањето на оваа култура, велат за весникот ВЕЧЕР од Националната земјоделска мрежа.

Производството беше строго контролирано од државата, со цел да се знае кој колку произведува и на колкава површина, бидејќи од него се прават опијати, кои се користат во фармацевтската индустрија.

– Во поранешна Југославија, покрај тутунот, афионот беше главна извозна гранка од која државата обезбедуваше голем девизен прилив. Тогаш се садеше на големи површини, масовно во Пелагонија, Овче Поле, Велес… Голем број семејства обезбедуваа егзистенција токму од оваа индустриска култура. Но, од пред 20 години, кога нагло падна откупната цена, производството стана нерентабилно, земјоделците го заменија со други култури и остана да се произведува на многу мали површини. Но, од пред една година, откако се јавија некои странски фирми, кои се заинтересираа за откуп на македонскиот афион, почна да се враќа на нивите – вели Ѓорѓи Каракашев, земјоделец и претседател на оваа организација.

Сега, се враќа интересот и се сади во Радовишко, но откупната цена сè уште е ниска. Земјоделците велат дека доколку се повисоки цените и се зголеми интересот од преработувачката индустрија, може повторно да се сади афион на големи површини и тој да ги врати младите на нивите.

– Постои можност повторно да заживее производството на афион, бидејќи сега, со новата технологија, одгледувањето на оваа култура е многу полесно отколку пред 20 години. Сега, сите операции се вршат машински – од обработката на земјата, садењето, жетвата до вадењето на катранот од стеблото – појаснува Каракашев.

Инаку, афионот има повеќекратна намена, од шишарките се добиваат катран и семе. Тие се користат во фармацевтската индустрија за производство на лекови, опијати, колаген, за производство на масло за јадење и на други производи. Најголема примена има во фармацевтската индустрија за производство на лекови.

Земјоделците се надеваат дека одгледувањето афион ќе стане атрактивно за младите со тоа што се појавија повеќе фирми што нудат гарантиран откуп, што беше голем проблем во минатото. Освен тоа, почна да му се зголемува цената, што е добар показател дека може да доживее ренесанса и да го зголеми девизниот прилив во македонскиот аграр.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ