Репертоарот на класична музика на годинашното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер беше заокружен со концерт на извонредните уметници на хармоника од „Моушн трио“ од Полска. Нивниот настап во црквата „Света Софија“ се одржа во рамките на традиционалната Полска вечер, која се одржува секоја година на фестивалот. Вечерта ја отвори полскиот амбасадор во земјава, Мариуш Бримора.

– Чест ни е што нашите полски уметници ќе бидат завршница на музичкиот дел од фестивалот. Би сакал да ја искористам оваа можност да им се заблагодарам на директорот и на тимот на „Охридско лето“ за целата организација и за тоа што го овозможија овој настан. Уметниците од ова трио ги запознав пред точно 26 години, во Чикаго. Јас бев конзул таму, а тие само што ја започнуваа својата музичка кариера и беа во Чикаго за да настапат на приватен настан. Ми кажаа дека се труделе да заработат повеќе пари за да си обезбедат поквалитетни инструменти. Таа вечер ја воодушевија публиката, и од тој настап не само што станаа доволно успешни да си ги дозволат најдобрите хармоники во светот туку и снимија 14 компакт-диска и одржаа стотици концерти. РС Македонија е 45. земја во која имаат настапено – рече полскиот амбасадор Бримора.

Полското трио хармоники со име „Моушн трио“ е познато по својот специфичен начин на комбинирање на страста, која извира од традицијата на музиката од Источна Европа, со прецизноста и со строгоста на делата на големите класични композитори. Предводени од Јануш Војтарович, членовите на триото сметаат дека единствен начин да се задржи вниманието на денешната публика е да се експериментира со звуците на хармониката и да се извлечат од неа звуци што никогаш досега не биле слушнати.

ИЗДВОЕНИ