И покрај тоа што требаше капиталните инвестиции да бидат главен двигател на економијата за следната година и да придонесат за економски раст од над 4 отсто, тие преку ноќ се „стопија“. Од сегашните 768,8 милиони евра за капитални расходи, сумата за следната година во буџетот кој беше усвоен пред два дена, се намалува на 640 милиони евра, односно за околу 130 милиони евра. Последните податоци покажуваат дека за десет месеци од годинава не се реализирани ниту половина од предвидените капитални инвестиции. Потрошени се 21,5 милијарди денари или околу 350 милиони евра, односно реализирани се само 45,47 отсто од предвиденото за годинава. Ова е една од точките за кои власта и опозицијата постојано ги кршат копјата. За дел од економистите, слабата реализација на капитални инвестиции се должи на недоволниот капацитет на институциите да ги реализираат. А, другите, пак, се на ставот дека е подобро парите што се предвидени за капитални инвестиции да се потрошат за друго, како, на пример, за социјални трансфери наместо да стојат нереализирани. Заедничко мислење за сите е дека со ваква слаба реализација на капиталните инвестиции, тешко до повисоки стапки на економски раст.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна тврдеше дека главна цел на Владата е да ги реализира капиталните инвестиции.
– Целта е да се реализираат сите капитални инвестиции што се дел од општините и ги финансира централната Влада. Вкупниот обем на тие инвестиции, заедно со програмите преку министерствата, изнесува половина милијарда евра. Дел од нив се веќе завршени, а дел се во фаза на реализација. Очекувам дека овие капитални инвестиции од 75 отсто до 80 отсто ќе бидат готови до крајот на годината – истакна Мицкоски.
Економскиот експерт и академик Абдулменаф Беџети изјави за весникот ВЕЧЕР дека за да бидат двигател на развојот, капиталните инвестиции треба да се реализираат, а не само да се проектираат на високо ниво и со првиот ребаланс да се кратат и да се пренаменуваат за социјални трансфери.
– Капиталните инвестиции речиси никогаш не може да се реализираат повеќе од 50 отсто од базично планираните. Поради тоа, подобро е да се планираат на пониско ниво бидејќи, во спротивно, кога не може да се реализираат, покажуваат слаб институционален капацитет. Со ребалансот на буџетот, понекогаш се реализираат и до 90 отсто, но обично секогаш делот од средствата за капитални инвестиции се релоцира за тековни трошења – вели Беџети.
Тој смета дека се потребни длабоки структурни реформи во државата за да се промени нешто на економски план.
– Социјалната компонента во буџетот е доминантна, но не може брзо да се смени тоа. И во овој буџет, вкупните социјални давачки се многу високи и изнесуваат 206 милијарди денари за ПИОМ, социјални давачки и социјални надоместоци и не може да се очекува брза промена на овој модел. На Македонија ѝ се потребни длабоки структурни реформи да се промени начинот на распределба на буџетските приходи. Во моментов, две третини од приходите од буџетот одат за социјални трансфери, а само една третина за економска компонента, односно за стоки, услуги и плати доколку се поврзани со продуктивноста – додава Беџети.
Нухи Алиу, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, смета дека институциите немаат доволно капацитет да ги реализираат инвестициите и подобро е тие пари да се потрошат за граѓаните кои ќе ја зголемат потрошувачката.
– Треба да има проекти за да се реализираат. Во нашата економија нема доволно проекти и парите предвидени за капитални инвестиции остануваат непотрошени. Речиси секоја година реализацијата на капитални инвестиции е околу 46-47 отсто. Со оглед на тоа дека и минатата година имаше слаба реализација на капиталните инвестиции, Владата го имала предвид овој факт и затоа ги пренаменила овие пари за други цели – изјави Нухи за весникот ВЕЧЕР.
Според опозицијата, пак, ова е потрошувачки буџет, затоа што 90 отсто од буџетот е наменет за тековни расходи, а само 10 отсто за капитални.
– Ако оваа година,која е чиста година на владејачкото мнозинство, покажа дека има капацитет за 50 отсто спроведување на капиталните расходи, тоа значи дека овие 10 отсто ќе станат 5 отсто до крајот на 2026 година. Толку е капацитетот. И ако 90 отсто отидат во тековни расходи, затоа што таму не можеш да не ги трошиш, се поставува прашањето каде ќе бидеме за пет години – рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Според него, загрижува тоа што во тековната година има само 48 отсто реализација на капиталните инвестиции, но и зошто ги нема толку озборуваните проекти.
Економските експерти прашуваат дали со слабата реализација на капиталните расходи годинава и со помалиот проектиран износ за идната година Владата се откажува од оваа буџетска ставка како столб на економскиот развој, за што се залагаше. Се поставува прашањето дали значи тоа дека главни двигатели на растот ќе бидат личната и општата потрошувачка.
(А. С.)












