Ќе се откопува секоја жена или маж од регионот на Старо Нагоричане што починале од почетокот на минатата година, а за чија смрт ќе се појави и најмал сомнеж дека не е природна, кажаа на брифингот во Основното јавно обвинителство надлежната обвинителка за случајот со сериските убиства, Теута Рамадани, и јавниот обвинител Љубомир Лапе. На товар на осомничениот 25-годишен Трајко Бојковски од кумановското село Млатино му се става и убиството на 35-годишната Марија Маринковска од Куманово, која живеела во Старо Нагоричане.
– Истрагата се проширува за уште едно лице, усмртено во периодот од 17-18 јануари. Осомничениот влегол во домот на Марија, каде што таа била сама, ја удирал по главата и телото – рече обвинителот Лапе и најави дека ќе се прави ексхумација на уште една повозрасна жена од тој регион, на чие тело ќе се врши обдукција за утврдување на причините за смртта.
Дали младиот овчар од Кумановскиот регион признал пред полицијата за втората жртва, обвинителите не сакаа да откриваат детали од истрагата. Кај жртвите нема доказ дека биле силувани, а пари со сомнително потекло во неговиот дом при претресот не биле пронајдени. Од ОЈО велат дека семејството на првата жртва, 78-годишната Мира С. од селото Челопек, пријавило дека недостигаат средства во куќата, а кај втората жртва – 35-годишната Марија немало таква пријава. Засега, за истражителите, мотивот на осомничениот во извршувањето на убиствата е непознат.
– Сè ќе биде појасно по психијатриското вештачење – велат надлежните.
Иако беше најавено уште од минатата недела, сепак, како што велат од ОЈО, се организираат, па дури потоа ќе биде извршен разговор со осомничениот.
– Не значи дека ако бил (не)пресметлив за едно кривично дело, во момент бил и за друго – објаснуваат од ОЈО.
Приведениот се наоѓа во самица во затворот во Куманово, а обвинителите апелираат до жителите на селата што гравитираат во регионот на Старо Нагоричане да се смират и да не се дига паника. На прашањето дали се испитува евентуална помош од друго лице во извршувањето на кривичните дела, обвинителите велат дека се истражува улогата на сите.
Во оваа првична фаза од истрагата, Обвинителството издало наредби за сите пријави, поплаки, сведочења на очевидци во полицијата за однесувањето на Трајко. И не само тоа, ќе се испитува смртта на секој што починал сам, а чие тело било пронајдено по неколку дена, од семејството или од комшиите.
– Ако постои и мала дилема за настанувањето на смртта, таа да не е природна, а за кого се знаело дека не е болен, ќе се прави ексхумација – најавија обвинителите на брифингот.
Во однос на периодот, се поставила рамка тоа да бидат починати од почетокот на минатата година.
На прашањето како може доктор и полициски службеник да потпишат природна смрт кај втората жртва на осомничениот, 35-годишната Марија, како што тврдеше нејзиниот адвокат, од ОЈО велат е отворен посебен предмет за постапувањето.
Ќе се испитува постапувањето на полицијата, докторите, па дури и кај нас, во кумановското Обвинителство, дали имало затајување по пријавите за вознемирување, вели обвинителката Рамадани.
Истрагата зема замав откако 85-годишната Росанка од кумановското село Челопек јавно сведочеше како била нападната и давена од непознато лице во својот дом. Според нејзиниот син, станува збор токму за 25-годишниот Трајко, кој е осомничен за убиството на Мира С. (78) од истото село. Нападот врз Росанка се случил среде бел ден, неколку дена пред убиството на Мира. Непознато лице влегло во куќата и без да каже збор, почнало да ја дави.
– Ми фрли ќебе преку главата. Си велам, кој е овој, не зборува ништо, само почна да ме удира. Прво ме фати за гуша, силно, за да не можам да викам. Ме удираше по главата и ме давеше долго – раскажуваше Росанка, покажувајќи ги повредите на лицето.
Според нејзиното сведоштво, во одреден момент се слушнале некакви звуци надвор, по што му паднал телефонот, тој престанал да ја дави и избегал.
И 83-годишната Слободанка Арсовска од Куманово јавно проговори дека пред шест месеци успеала да се спаси од убиецот благодарение на својата храброст.
– Кога го видов во ходникот, го прашав што бара и кој му дозволил да влезе. Тој не кажа ништо, само направи два чекори и ме фати за врат, по што ме турна на земја. Јас паднав, а тој седна врз мене и почна да ме дави. Во тој момент почнав да викам по синот, измислувајќи дека е на катот. Се уплаши и ме пушти, по што побегна низ прозорецот. Од ударот на подот, паднав во бессознание, дури утрината околу осум часот успеав да им се јавам на децата. Кога се освестив, бев модра околу вратот, мокра и загубена, дури тогаш сфатив дека тој сакаше да ме убие – кажа Арсовска за медиумот „Куманово њуз“.
По неа, жителите на селата во Старо Нагоричане сведочеа за лошото поведение на осомничениот, а во јавноста се појави и видео од кое се гледа како кружи тој околу куќа и бара начин да влезе.
– Нам, како надлежни органи, ни беше важно да го приведеме осомничениот, сега истрагата продолжува со собирање докази за убиствата – вели обвинителот Лапе.
(П. А.)












