Забрзано се одвива реконструкцијата на стариот и руиниран мост кај Башино Село, на еден од влезовите во Велес, а изведувач на работите е „Синтек инженеринг“ ДООЕЛ Скопје, кој ги започна работите на 21 март.
Оттаму информираа дека работите се одвиваат непречено и оти сè ќе биде завршено согласно со договорот за три месеци, односно до 21 јуни годинава.
Од почетокот на март, по два месеца забрана за сообраќај, мостот повторно беше пуштен во функција, но сега сообраќајот се одвива само по средната лента, каде што е најмало оштетувањето на мостот и е регулиран од двете страни со семафор.
– Забрането е сообраќање по него на камиони потешки од 40 тона, а тоа го регулираат полициски екипи од СВР Велес – информира Бобан Христов, раководител од „Синтек инженеринг“.
Тој појасни дека, при градежните работи, се третира долниот дел од мостот, се поставува нов вид материјал на столбовите за да се зацврстат и со најсовремено решение се третира мостот однатре. Воедно, од професори на Градежниот факултет во Скопје е монтирана најсовремена опрема под самиот мост, која врши мониторинг 24 часа и се евидентира секое движење по мостот.
– Засега нема проблеми околу тоа, бидејќи сите возила се придржуваат кон пропишаните правила и нема надминување на возилата над 40 тона – констатира Христов.
Тој информира дека постојано се во координација со професорите од Градежниот факултет во Скопје и со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), кое ја следи нивната работа.
Реконструкцијата на овој мост е финансирана од ЈПДП, а проектот е вреден 24.614.554 денари или околу 400.000 евра без ДДВ. Санацијата на мостот кај Башино Село првично треба да го продолжи неговиот век на користење за пет до десет години.