Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека Русија веќе ги добила клучните насоки на предложениот мировен договор за Украина по консултациите во Женева меѓу претставниците на Киев, Вашингтон и европските земји.
Како што изјави, овие точки „ќе бидат дискутирани следната недела“. Песков додаде дека преговорите ќе послужат за да се утврди „кој треба да ја признае реалната состојба на теренот меѓу Русија и Украина“.
За време на средбата со медиумите, на портпаролот му беше поставено и прашање во врска со зборовите на рускиот претседател Владимир Путин, според кој воените операции би можеле да престанат по повлекувањето на украинската армија од териториите што ги контролира. Новинарите беа заинтересирани дали ова се однесува само на Донбас или и на Запорожје и Херсон. Песков одби да навлегува во детали.
– Нема да ги даваме сите детали сега. Претседателот го побара тоа вчера. Сето ова ќе биде дискутирано – одговори тој кратко.
Тој нагласи дека Москва не смета за корисно јавно да дебатира за украинскиот предлог за решение. Додаде дека Кремљ навремено ќе ја информира јавноста за доаѓањето на специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф.
Песков, исто така, оцени дека украинскиот лидер се соочува со проблем на политички легитимитет, тврдејќи дека Зеленски одбива да одржи избори и отстапува од уставните одредби. Сепак, портпаролот на Кремљ додаде дека „секој има желба и склоност кон мирно решение во Украина“.
Еден ден претходно, Владимир Путин во Бишкек, по самитот на ОДКБ, изјави дека Москва ќе ги прекине операциите ако украинските сили се повлечат од „териториите што ги окупираат“, додека во спротивно, како што рече, „тоа ќе се постигне со воени средства“.












