Кремљ ги нарече европските предлози за безбедносни гаранции за Украина „целосно неприфатливи“, а руските претставници изјавија дека трупите од земјите членки на НАТО не можат да стапнат на украинска територија под никакви околности. Ова беше наведено на редовниот брифинг за медиумите што го одржа денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, објави Скај њуз.
Песков рече дека Москва „гледа негативно“ на предлозите што се појавија по средбата на европските лидери со Доналд Трамп во Вашингтон, јасно ставајќи до знаење дека Русија нема да отстапи ниту милиметар од своите барања.
Иако додаде дека „американските напори во потрагата по мир се многу важни“, неговата порака директно се спротивстави на неодамнешното тврдење на Трамп дека „Путин направил значителна отстапка и се согласил на одредени безбедносни гаранции“.
Песков го повтори долгогодишниот став на Москва дека трупите на НАТО немаат работа во Украина. Што се однесува до какви било мировни преговори, тој нагласи дека тие „мора сериозно и внимателно да се подготвуваат за да бидат ефикасни“.
Тој, исто така, откри дека се во тек подготовки за претстојната посета на Владимир Путин на Кина, која ја опиша како „без преседан“. Рускиот претседател ќе се сретне со повеќе од 20 светски лидери во Тјанџин за самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), закажан за недела и понеделник.