Двајца тинејџери од Пенсилванија се соочуваат со обвиненија откако опасните „ТикТок“ предизвици доведоа до смрт на 17-годишник и сериозна, трајна повреда на 20-годишна жена, соопштија властите.
„Важно е јавноста да разбере дека овие предизвици можат да имаат сериозни последици во реалниот живот, претставувајќи огромен ризик за учесниците и минувачите“, рече окружниот обвинител на округот Нортхемптон, Стивен Барата на прес-конференција.
Според обвинителите, во јуни, 17-годишник врзал превртена маса за својот автомобил на паркингот на средното училиште „Фридом“ и ја влечел со голема брзина додека неговиот врсник седел на масата.
Возачот наводно возел толку брзо што младиот човек на масата се удрил во паркиран автомобил и починал на местото на настанот. Во март, 19-годишна девојка возела автомобил додека нејзината 20-годишна пријателка стоела на багажникот, обидувајќи се да „сурфа“.
Пријателката паднала од возилото и претрпела сериозни повреди на главата кои, според обвинителот, ќе бидат трајни.
Девојката која возела е обвинета за сериозно кривично дело – предизвикување тешки телесни повреди, напад со возило, невнимателно возење и дозволување на лице да се вози по надворешната страна на автомобилот.
Барата нагласи дека ниту еден возач немал намера да ги повреди своите пријатели, но дека нивното однесување било толку неодговорно и опасно што претставува кривична одговорност.
– Двете семејства веруваат дека нивните жртви доброволно учествувале во таканаречените ТикТок предизвици – рече обвинителот, додавајќи дека ако младите возачи се изјаснат за виновни и успешно го поминат надзорот, ќе имаат можност да им се избришат обвиненијата.
Тинејџерите кои возеле не се јавно именувани. Локалните медиуми објавуваат дека починатиот 17-годишник е идентификуван како Дејвид Наги.
ТикТок вели дека активно отстрануваат содржина што промовира опасни активности.
– Содржината што може да доведе до сериозни повреди се отстранува од платформата. Покрај тоа, пребарувањата поврзани со вакви предизвици ги насочуваме кон страница со совети и ресурси – изјави портпарол на компанијата за ABC News.
Според нивните податоци, помеѓу јануари и март, дури 99,8% од видеата за кои станува збор биле превентивно отстранети, а повеќе од 92% од нив воопшто немале прегледи.